1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови санкции на САД - Русија остро реагира

ЖА / агенции
9 август 2018

Американската влада смета дека зад нападот со отров врз екс-агентот Скрипал стои Москва, па ги засили санкциите против неа. Русија одговори со остра критика.

https://p.dw.com/p/32sAW
Amesbury Nowitschok Fund Untersuchung
Фотографија: Reuters/H. Nicholls

Руската политика реагира со остри зборови по воведувањето нови американски санкции поради нападот со отров врз поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал. Рускиот политичар, претседател на Комитетот за надворешна политика во Советот на Федерацијата, Константин Козачев изјави дека САД се однесуваат како полициска држава, се упатуваат закани и се мачат обвинетите, се казнуваат „во духот на најлошите традиции на правдата на линч“, изјави тој денеска во Москва.

Новите американски санкции целат на уништување на руската економија, изјави експертот Фјодор Лукјанов, главен уредник на магазинот „Русија во глобалните односи“. По самитот помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот Владимир Путин во Хелсинки, американското раководство очигледно мора да докажува дека има тврд став против Русија, изјавил тој, според руската агенција Интерфакс. По средбата, Трамп беше жестоко критикуван поради согласноста со демантот на Путин - дека Русија не извршила никакво вмешување во американската претседателска кампања во 2016. година.

Doppelagent Sergei Skripal und Tochter
Сергеј и Јулија Скрипал пред нападот со отровФотографија: picture-alliance/Globallookpress

Екс-агентот Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во март во Велика Британија беа цел на напад со нервниот гас Новичок и долго време се бореа за живот. Британската влада ја обвини Русија за инцидентот, иако Москва категорично отрфла секаква одговорност. Министерството за надворешни работи на САД вчера најави нови санкции против Русија поради овој случај, кој според Вашингтон претставува забранета употреба на средства за масовно уништување, биолошко оружје.

Повеќе: 

Русија контра Западот: Санкциите не се решение

Исфрлање на дипломати: Шпионирај ме нежно

Анонимна дипломатка од Министерството за надворешни работи во Вашингтон тврди дека санкциите целат врз продажбата на одредени американски технологии на Русија, релевантни од аспект на националната безбедност, за чиј извоз е потребна согласност на владата на САД. Според неа, овие санкции ќе ја чинат руската економија стотици милиони долари. По стапувањето на санкциите во сила, на 22. август, Русија има рок од 90 дена да вети воздржување во иднина од употреба на хемиски и биолошки оружја и да овозможи инспекциски контроли. Во спротивно, се закануваат натамошни, како што се вели, драконски казнени мерки, кои би оделе до блокирање на американските аеродроми за руските авиокомпании и дури и прекин на дипломатските односи.