1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови странски инвестиции со партнерство, размена и соработка

19 ноември 2011

Бил Павлески е новo лице во Владата на Република Македонија. Тој е министер за привлекување странски инвестиции без ресор. Се врати од САД и тргна во лов на нови инвеститори во Македонија.

https://p.dw.com/p/13DXz
Бил ПавлескиФотографија: DW

Дојче веле: Кој беше предизвикот од САД да дојдете во Македонија и да станете дел од владиниот тим ?

Бил Павлески: Поголемиот дел од својот живот го поминав во САД, каде имав можност да се стекнам со квалитетно образование и секако да бидам успешен во својата професија. Како секој горд и успешен човек, имав желба и амбиција да помогнам во економскиот развој на Република Македонија и да го пренесам моето досегашното искуство, со цел подобрување на конкурентноста на Македонија на европскиот и светскиот пазар, а со ова и подобрување на стандардот на животот на граѓаните во Македонија.

Ден пред гласањето за Владата, влеговте во списокот. Се колебавте ли, што Ви ветија и што ветивте кога преговаравте ?

Бил Павлески: Сè се одвиваше многу брзо. Функцијата ми беше понудена неколку дена пред и официјално да бидам прогласен за министер без ресор. Ден пред тоа имав средба со премиерот на која продискутиравме за мојата позиција, и детално ги образложив моите цели и визии, кои сакам да ги постигнам во овој мандат. Како човек кој доаѓа од висока стратешка позиција во приватниот сектор, ветив дека ќе се залагам пред сè за подобрување и зајакнување на конкурентноста, со цел да ја направиме оваа мала земја попривлечна за странските инвеститори.

За Владата на Премиерот Груевски се вели дека работи 24/7. Се навикнавте на ова темпо или Ви беше познато.

Бил Павлески: Кога човек кој доаѓа од голема и успешна мултинационална компанија како што е „Хјулит Пакар“, каде бизнисот функционира во повеќе временски зони, динамичното темпо на работа не претставува посебен предизвик за приспособување. Вакво темпо на работа ми одговара и е во рамки на моите очекувања за постигнување на што позначајни резултати.

Од август сте дел од тимот. Кои се Вашите приоритети и како соработувате со колегата Веле Самак (конкуренти сте или ја поделивте работата)

Бил Павлески: Како што веќе спомнав, мојот приоритет е подобрување на конкурентноста на земјата, а тоа ќе го отвори патот до уште поголеми инвестиции. Ова ќе го постигнеме, прво, преку поттикнување на развојот на претприемништвото и иновациите во следниве сектори: машинско-автомобилска индустрија, информатичка технологија, земјоделство-агрикултура, обновливи извори на енергија - грин филд проекти, за што имам конкретни мерки во мојата стратегија. Второ, значаен е развојот и формирањето на многубројна компетентна техничка работна сила. Создавање технолошки современ центар на светско ниво за истражување и развој, кој би бил дел од универзитетскиот систем во партнерство со приватниот сектор. Неопходна е и блиска соработка меѓу студентите, домашните и странските компании. Систем на студии и практична обука, предводена од субвенции за понатамошно вработување и привлекување понатамошни инвестиции е приоритет. Исто така, мора да се посвети внимание и на доживотното образование и преквалификации во техничка насока. Трето, блиска соработка, партнерство и размена на работна сила меѓу Република Македонија и земји кои се понапред од нас во одредена индустрија, меѓутоа сè уште се во развој, на пример, Индија во информатичка технологија, Бразил во земјоделство - агрикултура, Исланд, Германија и Данска во обновлива енергија. Четврто, покрај сите индустрии кои ги споменав досега, не треба да се запостават инвестиции во културата и туризмот, преку развој на културни фестивали, филмови и преку привлекување значајни светски брендови. Ова значително ќе придонесе за позитивниот имиџ на Македонија. Што се однесува до вториот дел од прашањето, можам да нагласам дека со министерот Самак имаме солидна и координирана соработка. Постојано комуницираме и дискутираме за стратегиите за привлекување инвестиции.

Како пред странците ќе се обидете да ја „продадете“ Македонија, односно да привлечете нови инвеститори? Имате ли Вие лично стратегија и што му предлагате на Премиерот Груевски?

Бил Павлески: Ако ја разгледаме стратегијата за промоција и привлекување странски инвестиции, може да се заклучи дека пред нејзината имплементација Република Македонија беше надвор од конкурентниот пазар на инвестиции на светските компании кои денес веќе инветсирале во Македонија. Досегашната успешна стратегија на Владата, Македонија ја поставува во конкурентност со познати светски инвестициски дестинации како што се: Кина, Индија, Полска, Чешка, Бугарија, Романија, земји кои веќе спроведувале стратегиски пристап за привлекување странски инвестиции далеку подолго време пред нас. Подобрување на конкурентноста на земјата ќе го отвори патот до уште поголеми инвестиции. Сведоци сме дека состојбата со инвестициите во Македонија се менува во значително подобра насока. Но, останува да се работи уште повеќе, особено како што спомнав врз подобрување на конкурентноста како главен фактор. Резултатите веќе се видливи, Република Македонија е прогласена за трет топ реформер, според Светска банка која значително ги подобрува условите за понатамошни странски инвестиции. Ги употребувам моите срдечни контакти што сум ги стекнал ширум светот во мојата досегашна кариера, и специфично маркетирање на Република Македонија во сите сектори подетално. Тоа заедно со развивање на внатрешниот систем на претприемништво, подобрувајќи ја конкурентноста, се дел од моите мерки што секојдневно се употребуваат.

Зад Вас се бизнис промоциите на Македонија во САД и Велика Британија. Искрено. како поминаа, може ли на кус рок да се очекуваат позитивни сигнали.

Бил Павлески: Бизнис форумите во САД и Англија беа доста успешни. Од нив при излегоа доста контакти. Полето на привлекување странски инвестиции е доста конкурентно, можностите за избор се големи, така што Република Македонија мора константно да биде визабилна и преставителна пред очите на потенциални инвеститори.

Се образувавте, работевте во еден друг систем на вредности и економија. Сега кога одблизу се запознавате со Македонија, кои се предностите на земјата, а што сметате дека треба да се смени за Македонија да биде вистински привлечна земја за странски инвестиции.

Бил Павлески: За да се дојде до позначајно привлекување на познати странски компании кои би инвестирале над 100 милиони евра годишно, покрај промоцијата на Македонија и тоа што го нуди како пакет економски субвенции, треба силно да се работи на постојано подобрување на конкурентноста, и тука не станува збор само за економските аспекти. Не значи дека ако имаме најевтина работна сила, дека ќе привлечеме и најмногу инвестиции. Напротив, големите инвеститори се заинтересирани за бројна, квалитетна и образована работна сила, за која се подготвени да платат повеќе. Мислам дека ова е еден од најголемите предизвици за една прилично мала земја како Македонија, но има конкретни решенија како тоа може да се оствари преку претприемништво и создавање партнерство со понапредни земји за соработка и размена на знаење.

Каква е Вашата скорешна агенда?

Бил Павлески: Секојдневната дејност се состои од 12-15 часа континуирана работа, а кога се патува и повеќе. Покрај обемниот број на состаноци, се работи на длабоки бизнис анализи на трендови, компании и нивни стратегии во однос на странски инвестиции во сите сектори пред воспоставувањето директни комуникации со нивните високо менаџерски тимови.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска