1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Israel USA Nahost

Себастијан Енгелбрехт3 март 2009

Израел може да смета на непоколеблива поддршка од САД. Тоа го вети американската министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон во Ерусалим. Што се крие зад ова ветување?

https://p.dw.com/p/H4lU
Хилари Клинтон и Шимон ПересФотографија: AP

Целта на првата посета на Изрaел и палестинските области, на американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, е да се постават дипломатските насоки за иднината. Изминатите години израелската политика се навикна на нејзината предвидлива претходничка, Кондолиза Рајс. Таа не успеа да направи пробив околу решението со две држави. Новата американска министерка доаѓа со една поинаква агенда. Американскиот претседател, Барак Обама планира да воспостави дипломатски контакти со Иран. Американската влада сака со дијалог да го натера Техеран да се откаже од спорната атомска програма.

Според написот во израелскиот весник „Хаарец“, израелската влада во заминување ќе побара отстапки од Клинтон. Дијалог со Иран мора да биде проследен со остри санкции кон земјата. Исто така, според израелската влада, САД треба заедно со Русија, Кина, Франција, Германија и Велика Британија да изработи конкретен план. Со него треба да се утврди, како меѓународната заедница ќе реагира во случај преговорите со Иран да бидат неуспешни.

Schimon Peres in Jerusalem während der Gaza Offensive Januar 2009
Израелскиот претседател Шимон Перес одбива дијалог со ХамасФотографија: AP

Перес исклучува дијалог со Хамас

До сега Клинтон не се изјасни околу ваквите барања, но му вети поддршка на Израел. По разговорите со израелскиот претседател, Шимон Перес, Клинтон изјави дека американската администрација ќе ја поддржува која било влада, којашто ќе биде формирана во Израел.

„Сакаме да знаете дека ќе работиме со владата којашто ќе ја претставува демократската воља на израелскиот народ.“

Меѓу другото, шефицата на американската дипломатија најави и нов „агресивен“ пристап за решавање на блискоисточниот конфликт. Мнозинството од политичарите во Израел стравуваат дека новата американска влада се стреми кон дијалог со радикалното палестинско движење Хамас под чија контрола е појасот Газа. Израелскиот претседател, Шимон Перес предупреди од такво нешто и исклучи секаков дијалог со Хамас.

„Тоа е терористичка организација и ние не сме рамноправни партнери. Ние сакаме дијалог со секој оној кој поддржува мир и демократија. Но, оној кој пука, убива, напаѓа и се заканува, е закана за сите, па и за нас,“ рече Перес.

Benjamin Netanjahu Porträtfoto
Дали Бенјамин Нетанјаху ќе ги продолжи мировните преговори со Палестинците?Фотографија: AP

Клинтон ќе се сретне и со Абас

Хилари Клинтон, ваквиот став ќе го слушне во сите денешни разговори. По посетата на меморијалниот центар за холокаусотот Јад Вашем, таа на агендата има средби и со премиерот во заминување, Ехуд Олмерт, но и со мандатарот за новата влада, Бенјамин Нетанјаху. Еден советник на Нетанјаху изјави дека тој како иден премиер ќе продолжи да учествува во мировните преговори со автономните палестински власти. За време на изборната кампања, Нетанјаху ова го отфрлаше.

Инаку Хилари Клинтон утре оди во посета на Западниот Брег каде ќе има средба со претседателот на Палестинците, Махмуд Абас.