1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново германско-американско приближување

28 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AcPa
Германскиот канцелар Герхард Шредер и американските претседател Џорџ Буш повторно се приближија. Обајцата вчера, на првата средба по повеќе од две години, во Белата куќа склучија таканаречен "Германско-американски сојуз за 21-иот век" и се обврзаа на партнерство. Обајцата подвлекоа дека ќе се ангажираат за мирот и стабилноста на Блискиот и Средниот исток. Разликите околу ирачката војна му припаѓаат на минатото, изјави Шредер.Како и да е, тој имаше право околу оружјето за масовно уништување во Ирак и околу логиката на војната. Герхард Шредер ја посети Белата куќа со извесно внатрешно задоволство откако неговиот домаќин, американскиот претседател Џорџ Буш поради причините за ирачката војна се најде и под домашен притисок. Ова чуство се разбира Шредер не го покажа, но дека внатрешно се потсмевнувал тоа е сигурно. Значи, Буш сега повторно го стави Шредер на листата на светците откако го избриша пред две години. Тоа не беше помирување од приврзаност, туку политичка калкулација. Обајцата знаат дека можат да профитираат еден од друг. На претседателот му се потребни сојузници за да не настапува на изборите како осамен каубој. Нему добро му доаѓа што војниците на Бундесверот помагаат да се вадат жешките костени во Авганистан и во Босна. Во Вашингтон радо се гледа и на тоа што Шредер жестоко се ангажира за влез на Турција во Европската унија што САД, поради гео-стратегиски причини, одамна го бара. Претседателот прифати што германскиот канцелар не сака да испрати трупи во Ирак. Внатрешно-политички растресениот Герхард Шредер кусата посета на Вашингтон дома може да ја продаде како надворешно-политички успех во стилот: гледате, јас сум повторно некој! Убави слики од Америка. До терминот за изборите во САД во ноември Шредер нема да отстапи од својата ирачка линија. Но, ако се оствари посакуваната победа на демократот Џон Кери, сојузната влада тешко ќе може да се извлече од посилен ангажман во Ирак. Ако Буш остане на функцијата, тогаш Шредер нема да спречи ангажман на НАТО во Ирак со правото на вето. Се чини, овој став сега го прифати и претседателот. Девизата од ирачката војна, тогаш произлезена од советничката за безбедност Кондолиза Рајс, дека Германците треба да бидат игнорирани, сега е мртва. Меѓутоа, барањата на канцеларот за намалување на каматите, слободната глобализација и крај на обвинувањата против германските фирми во САД, американскиот претседател ги прими на знаење, но не и повеќе. Тексашанинот е човек кој не заборава. Тој помни дека една министерка од кабинентот на Шредер го спореди со Хитлер и дека беше отпуштена дури по изборната победа. Така обајцата тврдокорни се насмевнуваа во Белата куќа и се заколнаа на заеднички поглед напред. Обајцата се сметаат за реал-политичари и се однесуваат според мотото:"Шоуто мора да продолжи". Сето тоа, се уште не е вистинско трансатлантско партнерство меѓу двете влади како пред ирачката војна, при што сепак економските и културните односи меѓу двете земји не страдаа. Во наредните месеци претседателот и канцеларот ќе имаат многу можности да го градат новото заедништво. За време на прославата на 60-годишнината од инвазијата на сојузниците во Франција, за време на самитот на Г-8 во Џорџија и на НАТО-самитот во Истанбул.