1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново мешање на картите во Европскиот парламент

Бернд Ригерт
14 септември 2018

Десничарските популисти ќе бидат засилени на изборите за ЕП во 2019 година. Досегашниот однос на силите се ниша, францускиот претседател Макрон се обидува да најде позиција во центарот.

https://p.dw.com/p/34sA6
Frankreich EU-Parlament in Straßburg
Фотографија: picture-alliance/AA/Anadolu Agency/M. Yalcin

Едно е сигурно: партиско-политичкиот состав на Европскиот парламент, уште денес прилично шарен со осум пратенички групи, по европските избори во 2019. година ќе стане уште понепрегледен. Во многу делови од Европа јакнат популистичките партии, класичните партии се осипуваат. Во моментов, Европската народна партија, во 2018. година со 751 пратеник, уште е најголемата во Стразбур. Тоа може да се промени, зашто таа има растечки проблеми со 12 националистички пратеници од унгарската Фидес. Откако ЕП, вклучувајќи и 100 гласови од демохристијанската пратеничка група, побара дисциплинска постапка против Унгарија поради загрозување на правната држава, во конзервативниот блок врие.

Frankreich, Straßburg: Manfred Weber im EU-Parlament
Манфред Вебер не сака да избрзуваФотографија: Reuters/V. Kessler

Вебер претпочита да сочека

Шефот на пратеничката група на Народната партија во ЕП, Манфред Вебер, нема да ги исфрли од неа пратениците од Фидес, но и самиот гласаше за санкции против Унгарија. На прашањето дали Фидес уште припаѓа на неговата пратеничка група, Вебер го заобиколува одговорот во разговор за Дојче веле: „Во претходните години, унгарскиот парламент секогаш беше подготвен на компромиси. Сега не е така. Затоа ни е потребен дијалог, врз ново рамниште.“ Вебер сака прво да ги сочека резултатите од „дијалогот“, односно постапката во Министерскиот совет на ЕУ, што ќе се случи по европските избори во мај. Дотогаш владее некој вид примирје помеѓу двата табора во пратеничката група на Европската народна партија.

Frankreich - Viktor Orban spricht in Straßburg
Орбан останува во ЕНПФотографија: picture-alliance/AP Photo/J.-F. Badias

Орбан не е сам

Партијата Фидес на Виктор Орбан не е тотално изолирана. Многу христијански демократи од Шпанија, Австрија, Италија и баварската ЦСУ гласаа против санкции за Унгарија. Унгарскиот премиер и партиски лидер Виктор Орбан ја критикува недоволната водечка сила на Манфред Вебер, но не покажува намера за истапување од пратеничката група. Британскиот пратеник и Брегзит-борец Најџел Фараж од Партијата за независност му предложи на Орбан да формираат нов „клуб“ на ЕУ-противници, но Орбан тоа го одби. „Господин Фараж е најголемиот оратор во ЕП, да се слуша е вистинско интелектуално задоволство. Но, ние нема да ја прифатиме неговата понуда, зашто припаѓаме на ЕНП“. 

Австриските десни популисти од Слободарската партија исто така му нудат соработка на Орбан во нова десничарска пратеничка група. Шефот на СПА Хајнц-Кристијан Штрахе сака да формира ново мнозинство со другите десничари. Во таборот би влегле десните популисти на Марин Ле Пен од Франција, Алтернатива за Германија, Шведските демократи, холандската Партија на слободата на Герт Вилдерс, можеби и деснорадикалната „Лега“ на Матео Салвини од Италија, која на европските избори веројатно ќе освои неколку мандати. Десниот блок би можел да биде релативно голем, дури втор или трет, по Социјалдемократите и Националконзервативците.

Europäisches Parlament in Straßburg
Во ЕП можеби ќе има нов однос на силитеФотографија: picture alliance/dpa/K. J. Hildenbrand

Можен ли е навистина нов популистички блок?

Во вакви калкулации Виктор Орбан во моментов не сака да се впушта. По неодамнешната средба со Матео Салвини, Орбан изјави: „Моите односи со господин Салвини немаат врска со партиската политика. Ние соработуваме на владино ниво.“ Многу деснопопулистички партии би можеле да си замислат пристапување кон новото „Движење“ на американскиот ултрадесничарски бивш советник на американскиот претседател, Стив Бенон. Тој му помогна на Трамп да стигне на функцијата, а потоа падна во немилост, а сега планира обединување на европската популистичка десница и правење изборен шлагер од темата миграција. И овде Орбан покажува воздржаност. „Во изборите за ЕП ќе има една крупна тема - доселувањето. Но тоа не значи дека гласачите целосно ќе се откажат од своите досегашни национални убедувања. Не се кандидира никој Американец, нема да има единствени европски натгранични листи“, изјави Орбан во Стразбур.

Повеќе:

Долго очекуван црвен картон за Унгарија

Напад на Бенон од десно врз европските избори

Кадровска лотарија во Брисел

Макрон собира сојузници

Во левиот блок на ЕП исто така има раздвижувања. Францускиот претседател Емануел Макрон, слично како и кај изборите во неговата земја, се очекува и овде да земе залет во дебатата во Европа. Макрон со шефот на Либералната пратеничка група, Ги Ферхофстат договори формирање либерална група. Нејасно е колку пратеници од „Републиката во движење“ на Макрон ќе добијат влез во ЕП. Засега Либералите со 68 мандати се четврта по големина група, но важна како јазиче на вагата во многу гласања.

Ако успее формирањето нова Либерална група со Макрон, тогаш тоа ќе биде нешто сосема ново. „Макрон сака да ги продобие Германците, Белгијците, Италијанците и други за да формира нешто ново, нов блок“. Дали таа пратеничка група за свој врвен кандидат би го избрала Макрон, не е толку важно, смета Тјери Корние, либерал во ЕП и поддржувач на Макрон, иако не припаѓа на неговата партија. А дали пак врвниот кандидат на најголемата група во ЕП ќе биде избран за претседател на Европската комисија, е сосема друга приказна, смета Корние. Нему му е важно обединување на левите и силите од центарот против десничарските популисти.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија