1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов атентат во Турција

13 септември 2006

Од подметната бомба во турскиот град Дијарбакир животот го загубија 10 лица, од кои седуммина се деца. Уште 17 лица се повредени при експлозијата што се случи на автобуска станица во близината на омилениот парк за прошетка во градот со мнозинско курдско население.

https://p.dw.com/p/AdxO
Жртви на местото на настанот во паркот Косујолу
Жртви на местото на настанот во паркот КосујолуФотографија: AP

Детонацијата одекна вечерта околу 21 часот по локално време блиску до влезот во омилениот парк Косујолу. Експлозијата беше толку силна што некои жртви беа буквално распарчени, а од неа имаше искршени прозорци во круг од неколку стотини метри. Турските сили за безбедност сметаат дека експлозијата веројатно се случила пред планираниот миг. Можно е паркот воопшто да не бил посакувана цел на напад. За сега никој не ја презеде одговорноста за атентатот, но полицијата смета дека и овој е дело на курдските сепаратисти. Експлозијата се случи само неколку часа по доаѓањето на американскиот советник Џозеф Ралстон во Анкара, кој со турското раководство треба да разговара за воведување нови мерки за спречување на насилството на Курдите.

Бомбашкиот напад во Дијарбакир е шести по ред во последниве две недели. Претходно во пет атентати во Истанбул и во туристичките подрачја на југо истокот на Турција беа убиени три а повредени околу 100 лица, меѓу нив и 10-мина британски и тројца германски туристи. Одоговорноста за нападите во Анталија и Мармарис ја презеде радикалната курдска организација „Соколи на слободата„. Таа е фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан ПКК и во писмоното соопштение се закани со натамошни напади. Во граѓанската војна меѓу курдските сепаратисти и турските сили за безбедност на југо-истокот од земјата, од 1984-та година до сега животот го загубија околу 35.000 лица.