1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

101111 Gewalt Fußball

14 ноември 2011

Политичари и претставници на Германскиот фудбалски сојуз денеска расправаат за можните мерки, што ќе помогнат во намалувањето на насилството на фудбалските стадиони.

https://p.dw.com/p/13AI3
Фотографија: dpa

„Сакаме стадиони, во кои навивачите ќе можат со радост и уживање да ги гледаат натпреварите, а не да се среќаваат со замаскирани насилници, кои со пиротехнички средства ги загрозуваат другите.“

Вака реагираше претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Тео Цванцигер на нередите од минатата недела. Контролниот одбор на Сојузот поднесе барање кај Спортскиот суд тимот на Динамо Дрезден да биде исклучен од учеството во Фудбалскиот куп на Германија идната сезона, бидејќи на натпреварот со Борусија Дортмунд имаше повеќе насилни инциденти.

„Фудбалскиот клуб мора да сноси одговорност за неговите навивачи. И ако тој не успее со соодветни мерки да обезбеди позитивните навивачи да го спречат или амортитзираат насилството на другите навивачи од истиот клуб, тогаш ќе стане тешко за тој клуб да опстане во лигата. Тоа мора да биде јасно“, порача Цванцигер.

Theo Zwanziger
Претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Тео ЦванцигерФотографија: picture-alliance/dpa

„Неправедна одлука“

За управата на клубот од Дрезден ова е неправден чекор и затоа поднесе жалба на одлуката на Спортскиот суд. Дека фудбалските клубови често се беспомошни против насилството на сопствените навивачи покажува и потсетувањето на настаните во Бундеслигата, каде често се случуваат нереди. Полицијата неодамна објави статистички податоци кои покажуваат дека бројот повредени при спортските безредија бележи нов зенит.

Затоа претседателот на синдикатот на германската полиција Бернхард Витхаупт порачува: „Гледаме дека насилството во земјата, но и она на фудбалските настани е во пораст. Гледаме и дека е во голем пораст насилството кон полицајците. За тоа важна улога игра алкохолот и затоа рековме дека треба да се размисли за забрана на внесување алкохолни пијалоци на стадионите. Тоа треба да важи и за средствата на јавниот превоз кон стадионите.“

Широка палета мерки

Предлозите значи се одвиваат од забрана на конзумирање алкохол до комплетно укинување на местата за стоење на стадионите. Здружението на организацијата на спортските навивачи, во кое членуваат вкупно 14 организации на навивачи, смета дека тие мерки се претерани и дека имаат популистички карактер.

Fußball Gewalt der Fans Union Berlin Polizei im Stadion
Фотографија: Andre Leslie

Членот на управниот одбор на здружението, Марк Фаулер, порачува:„Секако дека со тоа ќе се отстрани дел од насилните навивачи, но со тоа од друга страна ќе се отстранат и голем број мирни млади навивачи, што на подолг рок ќе значи изумирање на навивачката култура во земјата, што пак ќе ја намали и вкупната атрактивност на Бундеслигата!“

Нема комплетен мир

Социологот и истражувач на навивачите Гунтер Пилц смета дека изливите на насилство секако треба да се жигосаат во јавноста и да се санкционираат, но порачува дека насилството нема никогаш комплетно да биде искоренето од стадионите и затоа препорачува да се води дијалог. Претседателот на навивачкиот клуб на ФК Келн, Рајнер Мендел, пак порачува: „Секако дека треба да се санкционираат оние кои се истакнале со насилно однесување. Во тоа мора подобро да се вклучат и судските инстанци, тие мораат имено побрзо да ги носат пресудите кај потешките инциденти. Со тоа ќе се создаде заплашувачки потенцијал за можните нови сторители. Но, исто така мора и да се работи со младите луѓе и треба да се обидеме да ги интегрираме, а не само да ги санкционираме. Тоа е голем и важен предизвик за иднината!“

Искуствата и идеите на полицијата, правосудните органи и на спортските клубови треба да се слеат во т.н. „таск-форс“, посебни сили за спречување на насилството на стадионите, кои допрва треба да бидат создадени.

Автор: Оливија Фриц / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска