1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов бран терор во Ирак

ЖА/апе/ртре/афпе28 август 2013

Ирачката власт сѐ повеќе ја губи контролата врз безбедноста во државата. Насилството меѓу Курдите, сунитите и шиитите расте - во серија терористички напади во Багдад и околината загинаа околу 60 луѓе.

https://p.dw.com/p/19XtP
Фотографија: Sabah Arar/AFP/Getty Images

Околу 60 лица загинаа, а 150 се повредени во денешните напади во Багдад и во околината, соопшти ирачката полиција. Мета на нападите, изведени со автомобили-бомби, експлозив и самоубиствени напади, беа паркинзите, пазарите и рестораните во багдадските реони населени со шиити. Нападите се случија во населбите Казимија, Садр Сити, Шаб, Шула, Дамила и Махмудија.

Насилството со Ирак годинава е значително зголемено, а во нападите оваа година загинаа повеќе од 3.700 луѓе. Владата во Багдад и покрај дополнителната мобилизација на припадници на силите за безбедност се чини беспомошна. Експерти на ОН предупредуваат од повторно разгорување на граѓанска војна, потпалена од растечките тензии меѓу разните конфесии.

Се претпоставува дека нападите ги преземаат сунитски групи кои се незадоволни од ирачката влада на премиерот Нури ал Маилики, доминирана од шиити. Сунитите го критикуваат Малики за авторитарен стил на владеење и маргинализирање на нивната верска заедница. Екстремистите на Ал Каеда се обидуваат очигледно да профитираат од ваквите напнатости и да го подгреваат теророт.