1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов бран штрајкови во Грција

Јанис Пападимитриу/Б. Георгиевски20 септември 2013

Штрајкувачка треска во Грција: буџетарите излегоа на 48-часовен штрајк, а синдикатите протестираат против приватизацијата и отпуштањата во јавниот сектор.

https://p.dw.com/p/19l82
Фотографија: Getty Images

Од понеделник претставниците на меѓународната Тројка повторно доаѓаат во Атина на контрола на сработеното од владата. При последната посета во јули, меѓународните доверители изразија незадоволство од темпото на реформите и побараа забрзување на процесот на приватизација и на намалување на државниот апарат.

На почетокот на летото коалициската влада која ја предводи конзервативецот Антонис Самарас ги одложија реформските планови за три месеци за да осигураат дека туристичката сезона ќе мине без штрајкови. И министерот за развој Кирјакос Мицотакис дозволи одложување на законот со кој се регулираше отпуштањето од јавната администрација. До крајот на 2013. треба да се отпуштат 4.000 државни службеници, а уште 12.500 ќе бидат испратени на принуден одмор. Кон нив треба да се додадат уште 25 илјади службеници кои ќе бидат ставени на специјална „мобилна листа“ и кои ќе добијат можност да побараат друга работа или подоцна да бидат отпуштени. Синдикатите жестоко се спротивставуваат на ваквите планови.

Министерот Мицотакис во едно интервју деновиве се обиде да ги смири страстите. „Мобилноста во јавните служби нема никаква врска со отпуштања“, тврдеше тој, објаснувајќи дека процесот ќе се одвива на доброволна база и дека е во прашање модернизација на администрацијата. Но, ваквите аргументи не се многу убедливи за синдикатите. Стотици илјади службеници ги напуштија работните места во средата и четвртокот за да протестираат против планот. Кон штрајкот се придружија и здруженијата на наставниците, што доведе до хаос и во училиштата.

На вработените во јавната администрација не им останува ништо друго освен да излезат на улица и да ги блокираат плановите на владата, вели Вангелис Димудис, вработен во атинскиот водовод. „Ние сметаме дека т.н. мобилност не носи ништо друго освен отпуштања“, вели тој. Поради буџетскиот дефицит на владата и останува само една можност, а тоа е намалување на јавната администрација, иако нејзиниот концепт засега не е многу препознатлив. Притоа во Грција бројот на невработените во меѓувреме се зголеми на повеќе од 1,5 милиони луѓе.

Antonis Samaras
Антонис СамарасФотографија: AP

Синдикатите против распродажбата

Водоводните претпријатија, притоа, се погодени и од владините планови за приватизација. Пред неколку недели беа укинати ограничувањата за продажба на државната сопственост, и сега агенцијата за приватизација може да ги продава претпријатијата на инвеститорот кој најмногу ќе понуди. За преземањето на водоводните претпријатија има голем интерес од француски инвеститори. На продажба е ставено и водоводното претпријатие во Солун.

Синдикалецот Вангелис Димидус собира потписи против, како што ја нарекува, распродажбата. „Приватизацијата ни е наметната од Тројката со цел да се распродаде државниот имот за багателни цени“, тврди тој. Како пример ја наведува продажбата на државниот монопол за игри на среќа ОПАП. Лотаријата ќе биде продадена за 600 милиони евра, иако државата тие пари може да ги добие за пет години со нејзиното сегашно работење.

Griechenland Athen Parlament Yannis Stournaras
Министерот за финансии Јанис СтурнарасФотографија: Reuters

Грчката владата поинаку гледа на тоа. Приватизацијата на лотаријата, која во минатото во повеќе наврати беше одложувана, според премиерот Самарас, е знак за темпото со кое се одвива процесот на приватизација во земјата. А Владата и тоа како има интерес да се пофали со добри вести. Во четвртокот, на пример, министерот за финансии Јанис Стурнарас изјави дека сите индикатори покажуваат излез од рецесијата. Постојат јасни знаци дека грчката економија се движи кон закрепнување, рече Стурнарас.