1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Нов врв во битката за превласт меѓу Саудиска Арабија и Иран

Луис Сандерс
11 ноември 2017

Односите меѓу Саудиска Арабија и Иран се чини достигнаа нова критична точка. Меѓусебното непријателство се заканува да предизвика расцеп во регионот. Притоа, нивните билатерални односи познавале и подобри денови.

https://p.dw.com/p/2nPrj
Mondsichel über einer Moschee
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Ferrari

Односите помеѓу сунитска Саудиска Арабија и шиитски доминираниот Иран доживуваат ново помрачување по најновиот ракетен напад врз Ријад. Според саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман,  ракетниот напад од јеменските Хуту-бунтовници всушност е масло на Иран.  Бин Салман во него гледа фактичка „објава на војна“, што пак за Иран се „апсурдни обвинувања“, инсинуациите се „лажни, деструктивни, неодговорни и пред сѐ провокативни.“ Реториката меѓу двете земји е поларизирачка, но таа не е корен на конфликтот меѓу двете муслимански земји. Неговата заднина треба да се бара во конкурентската борба на Ријад и Техеран за моќ и влијание, било во Сирија, Ирак, Јемен, Бахреин, Либан или на внатрешнополитички план. 

Сунитска Саудиска Арабија и шиитски Иран одамна се натпреваруваат за надмоќ во регионот на Блискиот Исток. Иран се обидува да шири влијание преку милициите во Либан, Сирија и Ирак. Саудиска Арабија од своја страна ги поддржува сунитските групи, а конфронтирачката политика кон Иран посебно зајакна под водство на принцот Мохамед бин Салман.

Историски гледано, постоеја обиди за смирување на ривалитетот и подобрување на односите, во 1960-те години со поддршка на ОН: саудискиот крал Фејсал и шахот Мохамед Реза Пахлави се почестуваа со државнички посети. Но, тензиите беа постојано присутни. Од редица писма од доцните 1960-те години, се потврдува дека шахот од кралот Фејсал барал да ја реформира Саудиска Арабија во согласност со западните културни вредности: „Ве молам, брате, модернизирајте се! Отворете ја земјата! Понудете мешани училишта за момчиња и девојчиња, дозволете им на жените да носат мини-здолништа, не забранувајте дискотеки! Во спротивно, не можам да гарантирам Ваше останување на престолот“.

Фејсал одговорил: „Ваше благородство, го ценам Вашиот совет. Но, смеам ли да Ве потсетам дека не сте шах на Франција, не се наоѓате во Елисејската палата, туку во Иран? Вашето население во 90 проценти е муслиманско. Ве молам, не заборавајте го тоа.“

Напнатоста меѓу двете држави ескалираше кога американскиот претседател Ричард Никсон во 1970-те години со својата т.н. стратегија која се потпира на два столба, следеше политика на материјална поддршка на режимот на шахот, а истовремено ги задржа стратешките односи со Ријад.

Iran Revolutionsführer Ajatollah Khomeini
Иранскиот ајатолах Хомеини во 1979. годинаФотографија: picture-alliance/dpa/AFP/G. Duval

Револуционерен пресврт

Револуцијата во Иран во 1979. година, предводена од ајатолахот Хомеини, доведе до соборување на шахот и од корен ги промени односите меѓу доминантно шиитската Исламска Република и сунитското кралство  Саудиска Арабија. За Саудиска Арабија, исламската револуција беше обид за нејзино детронизирање во регионот, уште повеќе што Иран правеше обиди за извоз на својата револуција во другите заливски држави. За време на ирачко-иранската војна меѓу 1980. и 1988. година, Саудијците, заедно со САД, го поддржуваа режимот на Садам Хусеин во Ирак и ги притискаа и останатите заливски држави на поддршка на Багдад. 

По насилните судири меѓу шиитските аџии и саудиските безбедносни сили во Мека во 1987. година, во кои загинаа преку 400 лица, Хомеини ги критикуваше водечките луѓе на Кралството како „подли и безбожни вахабити“. Инцидентот предизвика протести во Техеран, кои водеа кон претрес на саудиската амбасада. Ријад ги прекина дипломатските односи со Иран. По крајот на ирачко-иранската војна, Саудиска Арабија и Иран започнаа внимателно приближување. Круна на процесот беше официјалната посета на поранешниот ирански претседател Мохамед Катами на Ријад во 1999. година.

Riad Treffen Donald Trump Tamim Bin Hamad Al-Thani Emir Katar
Трамп во Саудиска Арабија - прва посета во странствоФотографија: Getty Images/AFP/M. Ngan

Нуклеарниот договор ги смени работите

По крајот на исламската револуција, Западот почна сѐ повеќе во Иран да гледа потенцијална опасност за регионалната и глобалната безбедност, посебно поради неговите амбиции на полето на атомската енергија. Постојаните напнатости во 2006. година доведоа до резолуција на Советот за безбедност на ОН, со осуда на Иран, поради неговото спротивставување веднаш да ја прекине програмата за облагородување ураниум. На другата страна, Саудиска Арабија во текот на 2000-те години непрекинато уживаше прилично значајна поддршка од САД и ја задржа улогата на гарант на интересите на Вашингтон во регионот.

Нуклеарниот договор од 2015. година, со кој Иран треба да биде спречен да прерасне во држава која поседува атомско оружје, за што за возврат му беше ветено олабавување на санкциите, претставува пресвртна точка. За Саудиска Арабија овој дил е олицетворение на опасност, се заканува да ја урниса нејзината регионална доминација, зашто меѓународната заедница во Иран почна да гледа економски потенцијал и нов изор на снабдување со нафта. 

Пред и непосрдно по нуклеарниот договор, Саудиска Арабија стартуваше повеќе операции за минирање на иранските интереси во регионот . Во Јемен Саудијците и натаму водат војна против бунтовниците поддржувани од Техеран, а во Сирија ги потпомагаат исламистичките групи - противници на владата. Егзекуцијата на повеќе членови на саудиската шиитска заедница, меѓу кои и проминентниот свештеник Нимр ал-Нимр во јануари 2016. година во Техеран предизвика насилни демонстрации, во кои беше запалиена саудиската амбасада. Ријад реагираше на тој начин, што ги прекина односите со Иран. Тоа беше почеток на новото ледено доба во саудиско-иранските односи.