1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов двоен дуел на Обама и Клинтон

Кристина Бергман6 мај 2008

На двајцата кандидати на Демократската партија за иден претседател на САД, Барак Обама и Хилари Клинтон, денеска им претстои уште еден решавачки дуел во две сојузни држави: Северна Каролина и Индијана.

https://p.dw.com/p/DuIQ
Хилари Клинтон и Барак Обама на предизборни манифестацииФотографија: AP

За време на предизборната турнеја Обама и Клинтон се сретнаа на заедничка манифестација на нивната партија во Индијанополис. Пред неа поголема група млади црнци се собраа и правеа добро расположение за нивниот миленик Барак Обама во центарот на Индијанополис, додека возачи во минување им се придружуваа со авто-сирени. На другиот крај на градот беа собрани приврзаниците на Хилари Клинтон, пред се’ жени од сите возрасти. Кусо пред свечената вечера на Демократите во Конгресниот центар двете групи се сретнаа и со саати водеа музички дуел преку сообраќајницата.


Хилари и Барак го продолжија дуелот и на заедничката вечера


Внатре во салата говорниците се обидуваа да го нагласат единството на партијата, додека двајцата соперници ја продолжија битката за гласови. Хилари Клинтон се претстави како жена која знае да се фати за работа и која го поседува неопходното искуство за да се справи со проблемите во земјата. Таа го прикажува противникот Обама како свртен кон елитите во општеството и затоа неспособен да ги реши проблемите на работничката класа.


„И ако до сега имаше сомневање, последните седум години покажаа дека Демократска партија е партија на работниците и семејствата од средната класа. Тоа е партија што се залага за напредок на сите, на кои им треба претседател кој стои на нивна страна.“


Соперникот Обама беше потемелен во говорот и појасни дека од почетокот на неговата кампања пред 15 месеци се создало големо национално движење кое сака промена во американското општество. Тој се осврна и на некои разлики во мислењата со Хилари Клинтон, како на пример откажувањето од даночните оптоварувања за бензинот за време на летните одмори. За тоа се заложува и главниот кандидат на Републиканците Џон Мек Кејн, појасни Обама:


„Посакувам да можев да застанам пред вас и да ви раскажам дека ќе ги решиме енергетските проблеми со помош на даночните олеснувања во летните одмори. Посакувам да можам да ви кажам дека ќе се откажеме од меѓународната трговија за да го одбегнеме преместувањето на работните места од нашата земја во странство„ – рече Обама. Но, знаете дека тоа сите го ветуваат, па по изборите во Вашингтон се’ си останува по старо. Решавањето на проблемите не е така лесно, нагласи тој.


Претседателот на партијата повика на единство


Претседателот на Демократската партија Хауард Дин потсети на загриженоста во партијата дека острата предизборна борба на Обама и Клинтон може да и’ наштетат на партијата:


„Вистина е дека ние сме единствените кои си стоиме на пат до преземањето на претседателската функција. Мораме да сите до еден да го поддржиме оној кандидат кој ќе ја добие номинацијата!“