1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов закон: Како до доселување и работа во Германија

Бенџамин Најт
10 мај 2019

Владата на Ангела Меркел го претстави долго очекуваниот предлог-закон за имиграција во Бундестагот - и ожнеа многу критики од сите страни. Реформите, за многумина, не се доволни.

https://p.dw.com/p/3IG7b
Arbeitende Migranten in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Во жешка дебата во Бундестагот во четвртокот, германската влада го бранеше новиот предлог-закон кој треба да го олесни приемот на обучени работници.

Новиот предлог, кој се крчка во владата повеќе од пет месеци, е владин одговор на долгогодишните поплаки од бизнис заедницата која е загрижена поради недостатокот на квалификувани ИТ-специјалисти и инженери во Германија, како и недостаток во бројни стручни професии. На остареното германско население итно му се потребни медицински персонал и негуватели.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер го претстави предлогот како „историска пресвртна точка“ кој определува јасни критериуми за доаѓање и работа во Германија.

Една од клучните точки на законот е укинувањето на членот според кој за секое работно место во земјата предност прво имаа државјани на Германија и на ЕУ.
Законот ќе им олесни на имигрантите со стручно образование да се доселат во Германија. Досега, германскиот систем ги фаворизираше оние со академски квалификации. Притоа, ќе биде дозволено за одредени категории под одредени услови, да дојдат во Германија за да се стекнат со стручен тренинг.
Опозицијата го критикуваше ограничениот опсег на законот, додека владата се правдаше дека не сака да дозволи „имиграција во социјалниот систем“.

Поголема толеранција

Со посебен закон, кој го претстави министерот за труд Хубертус Хајл, ќе им се овозможи на одредени баратели на азил чии апликации биле одбиени да добијат статус на „толерирани“, со што ќе им се овозможи да останат во земјата. Тоа ќе важи за оние лица кои завршиле стручна школа или работат најмалку 20 часа неделно, научиле германски јазик, и самите се издржувале во последните 18 месеци. Хајл рече дека е ова прагматично решение затоа што нема логика да се депортираат луѓе кои веќе успеале да најдат работа во Германија.
Експертите не се одушевени од оваа идеја.

Arbeitende Migranten in Deutschland
Новиот закон веќе не ги фавозира само академските професии, и ги изедначува со стручнитеФотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

„Таа е пререстриктивна за да има логика“, вели Томас Грос, професот за имигрантско право на Универзитетот Оснабрик. „На многу малку бегалци не им е признат статусот. Тие сега ќе добијат толериран статус. Но тоа не е дозвола за престој, туку дозвола од втора класа, несигурен статус, и ќе важи за многу малку луѓе“. Грос смета дека предлог-законот за имиграција нуди новини единствено во однос на не-академските професии, додека во другите области не нуди ништо.

Бурна дебата

Дебатата во Бундестагот помина бурно. Либералите критикуваат дека предлогот е „неинспиративен“ и не нуди напредок. Зелените критикуваа дека законот е всушност „законот за попречување“, а не модерен закон за имиграција. Слично размислуваа и од Левица. Анти-имигрантската АфД, пак, критикуваше дека предлогот само ќе привлече уште повеќе „ниско квалификувана сиромашна миграција“.

Бетина Офер, имигрантски адвокат која претставува големи германски компании кои бараат работници од странство, вели дека е нереално да се очекува од владата целосно да го смени законот за имиграција за помалку од три до пет години. Според неа, владата ги олеснила критичните точки во актуелната состојба.

„Тие бараа брзо решение затоа што обучени работници беа потребни брзо, и тоа има смисла“, вели Офер.„Тоа е подобрено, но точно е дека законот нуди само груба рамка, која сметам дека ќе биде редифинирана во следните неколку години. Но она што е можеби најважно за квалификуваните работници е дека владата сфати дека тесното грло не е на правно ниво, туку на бирократско и административно“.

Законот треба да влезе во сила на 1 јануари 2020 година, иако владата предупреди на надлежната бирократија ќе и бидат потребни шест месеци за подготовка, што значи дека парламентот ќе мора да го изласа законот летово за тој да стапи во сила на време.