1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов картел на земјите-извознички на земјен гас

Естер Хартбрик 23 декември 2008

Во Москва се одржува средба на која земјите-извознички на земјен гас формираат картел по примерот на земјите-производители на нафта (ОПЕК). ЕУ и САД изразија загриженост поради можноста од манипулација.

https://p.dw.com/p/GM3c
Црпење на земјен гасФотографија: AP

Неформалниот Форум за земјен гас, формиран во 2001 година, денеска треба да прерасне во посилна организација со поголемо влијание. Со потпишувањето на Статутот на организацијата, 14-те земји-учеснички и официјално ќе го означат почетокот на работењето на гасниот картел.

Меѓу учесниците на средбата се и Русија, Иран и Катар, кои заедно располагаат со повеќе од една половина од гасните ресурси. Тие ја иницираа средбата уште во октомври. Целта на организацијата на земјите-извознички на гас ќе биде да ја координираат извозната политика, да ја подобрат меѓусебната комуникација, како и да изработат стратегии за пласманот на земјениот гас.

Западот не треба да се плаши

Gazprom Hauptquartier in Moskau
Седиштето на „Гаспром“ во МоскваФотографија: AP

Александер Медведјев, претставник на рускиот монопол „Гаспром“, уверува дека Западот не треба да се плаши од моќта на новата организација: „Механизмите на ОПЕК не можат да се применат и на пазарот за земјен гас. Нивниот главен адут е ограничување на производството на нафта, со цел да влијаат на нејзината цена. Кај нас тоа не е случај, бидејќи нашиот бизнис се заснова на долгорочни договори. Се надевам дека така и ќе остане. Во договорите јасно се наведени правата и обврските на земјата-извозник и нејзините муштерии“, уверува Медведјев.

На пример, „Гаспром“ има склучено договори со неколку германски енергетски концерни, кои важат до 2036 или 2043 година. Исто така, земјениот гас се пренесува преку гасоводи, за разлика од нафтата, која може да се пренесува и преку железница или бродски. Затоа, не може да се каже дека постои светски пазар на земјен гас, како што е тоа случајот со нафтата.

Русија смета дека организацијата е неопходна

Русија аргументира и дека формирањето на ваква организација било неопходно, бидејќи во иднина вадењето земјен гас ќе станува се’ потешко, што сигурно ќе влијае на неговата цена. Токму затоа е потребна поголема соработка меѓу земјите-извознички на земјен гас.

Weißrussland Gas Konflikt mit Gazprom Russland Pipeline Kompressorstation
ГасоводФотографија: AP

Сергеј Купријанов, портпарол на „Гаспром“, вели: „Наидуваме на негативни коментари од потрошувачите за обединувањето на земјите-извознички на гас. Од друга страна, многу земји од ЕУ бараат од земјите-лиферанти да изработат заедничка енергетска политика. Сметам дека нашата координација ќе им биде од корист на двете страни.“

Русија контролира 22 отсто од пазарот за земјен гас во светот. Во новата организација на земјите-извознички на гас таа ќе биде најважниот и највлијателниот член. Нејзината цел е да ги врзе за себе, пред се`, другите големи лиферанти, како Иран, Катар и централноазиските земји и да го контролира нивниот извоз и патиштата преку кои се врши транспортот. Со тоа Москва сака да им се испречи на патот на САД и ЕУ, кои бараат нови лиферанти, кои би можеле да им доставуваат земјен гас преку други патишта.