1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов компјутерски вирус „жари и пали“ на Блискиот Исток

АТ/СН/ртр/афп/мф/дпа29 мај 2012

Експертите за безбедност на информатичката технологија открија комплексен компјутерски вирус наречен „Флејм“ односно „Пламен“, кој веќе подолго е присутен на Блискиот Исток.

https://p.dw.com/p/153sP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Новооткриениот вирус наречен „Флејм“, според специјализираната фирма за анти-вирусни програми „Касперски Лаб“, инфицирал повеќе илјади компјутери на Блискиот Исток. Експертите од руското претпријатие информираат дека се’ уште работат во почетната фаза за декодирање на компјутерскиот вирус. Според Касперски Лаб овој вирус може да собира податоци и да ја менува конфигурацијата на комјутерите. Стручњаците во компанијата сметаат дека новиот тип вирус за кражба на податоци е досега најсложен малициозен софтвер, односно „малвер“.

Погодени од Флејм биле комјутери пред се‘ на Блискиот исток.

Моќниот вирус заразил најголем број компјутери во Иран, но и во Израел, Палестина, Судан и Сирија, каде цел му се главно компаниите и академските институции.

Израелски изум?

Истражувачите сметаат дека „Флејм“ може да биде третото големо сајбер оружје, по „Стакснет“ со кој беше изведен нападот врз иранската нуклеарна програма во 2010 година, и нему сличниот вирус „Дуку, наречен по злосторникот од славниот научно-фантастичен серијал „Војна на ѕвездите“.

Засега не е познато кој е автор на новиот вирус, но стручњаците сметаат дека има знаци дека зад сите три големи сајбер напади стои иста држава или држави, бидејќи е користена иста технологија.

Израелскиот вицепремиер Моше Јалон денеска ги подгреа шпекулациите дека зад развивањето на вирусот стои токму Израел. Запрашан за можната вмешаност на неговата земја во овој скандал со комплексен вирус за компјутерска шпионажа, Јалон изјави:

„ Секој што гледа сериозна закана во Иран и неговата атомска програма веројатно ќе преземе различни чекори за да ја спречи, вклучително и вакви“, рече Јалон за армиското радио, додавејќи. „Израел е благословен со висока технологија и ние ги развиваме сретствата кои отвораат различни можности за нас“.