1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов курс на папата - нови кардинали, поглобална црква

Кристоф Штрак / Жана Ацеска23 февруари 2014

Папата Франциско вчера (22.02) инаугурираше 19 нови кардинали. И на тој чин папата му даде свој личен печат. Што всушност се менува во Католичката црква?

https://p.dw.com/p/1BC0P
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се работи само за едно писмо, но и тоа е нов доказ, во низата останати досегашни потези на папата Франциско, дека во Ватикан дуваат некои нови ветрови. Неколку дена по прогласувањето на 19-те нови кардинали, 77-годишниот поглавар на Римокатоличката црква писмено им се обрати на високопозиционираните претставници на клерот со зборовите:

„Кардиналската позиција не е ни унапредување, ни почест, а не е ни украс. Таа е едноставна служба која налага ширење на погледите и на срцето“. Новите кардинали, како што стои во писмото на папата, својата нова служба би требало да ја прифатат „со едноставно и скромно срце, без трошка световна суета“.

Bischof Gerhard Ludwig Müller
Бискупот Герхард Лудвиг МилерФотографија: DPA

Глобален колегиум

Оваа порака инаку важи за сите свештеници ширум светот. Со својата прва инаугурација на нови кардинали откако дојде на чело на Ватикан, папата сака кардиналскиот колегиум да го направи уште поглобален и така на посебен начин да ја истакне структурата на Католичката црква како глобална, светска заедница. Истворемено, папата Франциско се опкружува со најблиски соработници од целиот свет - 122 кардинали воедно се и неговите најблиски советници. Покрај очекуваните, нови кардинали, како најважните и најблиски соработници на папата, надбискупите Пјетро Паролин и Герхард Лудвиг Милер, папата Франциско не ги заборави и католиците од Азија, Африка и Централна Америка.

Силно влијание од италијанскиот клер

Rom Konklave beginnt
Фотографија: Reuters

Се‘ уште половината од кардиналите доаѓаат од Европа, иако само секој четврти католик денес живее на стариот континент. Иако кардиналскиот колегиум не е замислен како репрезентативно тело на застапеноста на верниците од цел свет, паѓа в очи дека неговиот состав не ги отсликува драстичните промени кои се случија во последните години кога станува збор за глобалната застапеност на Католичката црква.

Посебно се истакнува фактот дека од 61 кардинал од Европа, речиси половината (28) доаѓаат до Италија. Влијанието на италијанскиот клер како во Куријата, ватиканскиот државен апарат, така и во самиот кардиналски колегиум и натаму е огромно.

Vatikan Sixtinische Kapelle
Фотографија: picture-alliance/David Ebener

Денес повеќе од половината од католиците живеат на двата американски континенти, претежно во Латинска Америка. Од Латинска Америка, пак, доаѓаат само 19 кардинали. Тука папата Франциско сака да го прошири влијанието, поставувајќи по еден кардинал од Никарагва, Чиле и Хаити. Но, сепак највоочливи се настојувања на папата да делува глобално - идниот кардиналски колегиум ќе го сочинуваат и 14 карадинали од Африка и 12 од Азија. При последниот избор на папа, како што нагласуваа медиумите, се‘ уште не беше стигнато времето за на чело на Римокатоличката црква да застане поглавар од Азија или од Африка. Но, составот на кардиналскиот колегиум оваа можност ја прави се‘ поизгледна.