1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов обид на Анан за мир во Сирија

АТ/ афп / дпа/ дапд9 јули 2012

Средбата со сирискиот претседател Башар ал Асад беше „конструктивна“ оцени специјалниот пратеник за Сирија Кофи Анан. Опозицијата ја критикува средбата.

https://p.dw.com/p/15U5f
Фотографија: Reuters

Специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан со сирискиот претседател Башар ал Асад постигнал согласност да бидат преземени мерки за да му се стави крај на насилството во земјата. Ваквите размислувања ќе им ги пренесе и на бунтовниците, изјави дипломатот на ОН Анан денеска во Дамаск. Разговорот со Асад тој го оцени како „отворен“ и „конструктивен“. „Дискутиравме за неопходноста да му се стави крај на насилството и за патиштата како тоа може да биде постигнато“.

Претходно портпарол на сириското министерство за надворешни работи преку Твитер соопшти дека разговорот меѓу Анан и Асад бил „конструктивен“ и „добар“. Главна тема бил планот од шест точки. Планот од шест точки на Кофи Анан за Сирија кој меѓу другото предвидува и положување на оружјето досега не донесе ефект.

Анан вчера пристигна во трета посета на Сирија. Претходно во интервју за францускиот дневен весник „Ле монд“ изјави дека напорите да му се стави крај на насилството во Сирија се безуспешни. Веќе се преземени големи напори за да се најде „мировно и политичко решение“ на кризата. „Очигледно не успеавме“, изјави Анан.

Syrien UN Kofi Annan zu Gespräche in Damaskus Pressekonferenz
Кофи Анан во ДамаскФотографија: Reuters

Според еден извештај на иранската новинска агенција Ирна, Анан уште денеска по посетата на Дамаск се очекува во Техеран. Анан постојано пледира за тоа Иран да учествува во меѓународните разговори за решавање на сириската криза, но западните земји пружаат отпор за ова.

Опозицијата со критика

Опозициониот сириски национален совет ја критикуваше посетата и истовремено се пожали дека Анан не учествувал на последната средба на меѓународната контакт група за Сирија изминатиот петок во Париз.

Претставници на опозицијата во разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва потврдија дека предуслов за да се придвижи политичкиот процес е Асад да поднесе оставка.

Анан ќе поднесе извештај до Советот за безбедност на ОН

За два дена Кофи Анан треба да го информира највисокото тело на ОН за резултатите од третата посета на Сирија, откако е именуван за специјален пратеник.

Според активистите за човекови права од почетокот на протестите против режимот на претседателот Асад во март 2011 година досега биле убиени повеќе од 17.000 луѓе. Само вчера (08.07) биле убиени повеќе од 100 лица ширум земјата.