1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов скандал со местени резултати на фудбалски натпревари во Германија?

Карстен Шелхорн10 март 2006

Германскиот фудбал деновиве претрпе неколку удари во репрезентативното и клупските одмерувања на силите со другите во Европа, а сега е на повидок нова закана одвнатре

https://p.dw.com/p/Aej8
Тео Цванцигер, претседател на Фудбалскиот сојуз
Тео Цванцигер, претседател на Фудбалскиот сојузФотографија: AP

Државното обвинителство од Франкфурт веќе од пред неколку недели води истрага поради сомневања за манипулирани резултати на фудбалски натпревари. „Претходеа укажувања упатени до Германскиот фудбалски сојуз за манипулирање на средби од регионална лига во оваа сезона. Врз основа на тоа Контролната комисија на Сојузот, како надлежно тело, започна истрага и спроведе сослушувања. Не можеа да бидат потврдени конкретни обвинувачки моменти“ – извести директорот за медиуми при Фудбалскиот сојуз Харалд Штенгер.

Засегнати се повеќе натпревари во Регионалните лиги Север и Југ, како и средби од Втората лига. Според обвинителството, во затвор веќе се наоѓаат четири лица за кои се претпоставува дека се организатори на измама кај обложувањето. Наводно, подмитувани се играчи кои помогнале исходот на натпреварите да е соодветен на облогот за бројот на постигнати голови. Според кругови од обвинителството, појдовна точка на истрагата е пријава на фудбалскиот клуб Ешборн, што од клубот го негираат.

Иако уште не е ништо докажано, сепак и навестувањето за можен нов скандал придонесува кон создавање неповолна атмосфера на само три месеци до почетокот на светското првенство. „Сега не треба да поставуваме прашања за моментот во кој ова се случува, туку само да преземеме се’ за да бидат изречени строги казни онаму, каде имало недозволено однесување“ – вели Харалд Штенгер.

Пред една година, во скандалот исто така со местени натпревари заради измама кај обложувањето, Германскиот фудбалски сојуз беше критикуван поради информативната политика. И овој пат од Сојузот не и’ соопштуваат ништо на јавноста, што Штенгер го образложува со потребите на истрагата – обвинителството од Франкфурт изрично замолило за молчење. Истрагата на обвинителството продолжува, но сега во светлина на јавноста. Конкретни имиња на играчи вмешани во скандалот уште не се спомнати.