Нов слоган на ВМРО: „Лажено, шпекулирано, дезинформирано“?

Возбудлива недела: разузнавачи откриваат тајни, експерти дешифрираат тајни, а обвинители упатуваат јавни пораки. Што ли уште ќе следува до изборите во Македонија? Колумна на Зоран Јордановски

Нека ми простат верниците, ама на Горниот (Господ во интерпретација на богобојазливи) мора да му станал многу здодевен светов или мора да е голем шегобиец – што друго да си помисли човек гледајќи што се случува во Македонија? Додека јавноста ги броеше деновите очекувајќи да дојде експертот за да ги отклучи тајните што ги крие опремата за прислушување и се прашуваше со какво костумче Бети ќе оди да даде министерски исказ пред судот (оти однапред беше јасно што ќе изјави потоа – теркот е познат од оние што ѝ претходеа, а во ВМРО нема импровизации), по случајност (што би рекол Горниот за ова?) на една телевизија се појави разузнавач со искуство уште од пред ерата на ова ВМРО (нејзините следбеници во Македонија така го мерат времето – се` почнува од ВМРО, нели!) и целосно го сврте вниманието кон себе. За понеинформираните тој фрли малку повеќе светлина кој е кој, кој бил кој, каков и чиј од моќниците во Македонија по новата (ВМРО) ера. Но, како сево ова да не беше доволно возбудливо, се случи и сообраќајка во Скопје со службено возило и драматично бегство на возачот што ја предизвикал, кој според очевидците и полицајците кои вршеле увид, бил многу алкохолизиран. Дилемата е (што си вели сега Горниот?) дали возачот е поранешен ВМРО-вски министер, сега дополнителен заменик-министер, оти избегал од местото на настанот со друго возило кое дошло да го земе за време на увидот, препуштајќи ѝ ја на полицијата својата сопатничка. Како да немаше доволно скандали што ѝ се припишуваа на ВМРО ДПМНЕ и нејзиното раководство, па дојде и ова – и тоа спроти изборите од животна важност и за таа партија, но и за целата држава. Осомничениот, повторно во познатиот манир „а ла ВМРО“ (погледнете го само соопштението на таа партија во однос на интервјуто на разузнавачот), без вистински контрааргументи се закани со тужба против медиумите кои известија за настанот. Притоа во изјава во прво лице множина, небаре е средновековен француски крал, лансира нов слоган: „Лажено, шпекулирано, дезинформирано“. Какво освежување! Она „сечено, лепено, монтирано“ е веќе толку изветвено, а новиов слоган е совршено применлив за употреба во секаква пригода.

Политика | 22.10.2016

Зоран Јордановски



Ималинекојјунакдаизлезесоличенстав?

Кога фрлам поглед врз неделава што изминува мислам дека и Горниот претера, па така речиси падна во сенка обраќањето на јавните обвинители до јавноста во Македонија, а не знам дали некој воопшто го забележи интервјуто на предводникот на опозицијата.
По претседателот на Судскиот совет, со напади против Специјалното јавно обвинителство (СЈО) се огласи и Јавното обвинителство (ЈО). И тоа, наводно, во име на сите обвинители – токму како и претходно претседателот на Судскиот совет во име на сите судии во државата. Деновиве и член на највисокото раководство на ВМРО ѝ припиша на Катица Јанева, Специјален јавен обвинител, дека ги потврдила „мислењата на граѓаните оти СЈО не работи ниту професионално, ниту неселективно, туку претпочита партиска работа“. Веднаш помислувам на оркестрирани настапи; зошто да не се случајни совпаѓања (се смее ли сега Горниот?)? Она што ми боде очи е зошто овде никој не излегува со сопствен став, да зборува само во свое име, туку сите се кријат зад неутврден број на наводни истомисленици? Зошто писмото не го потпишале сите обвинители? Откаде некој политичар знае што мисли народот (настрана тоа дека народот го сочинуваат поединечни луѓе секој со свој став и поглед врз нештата!)? Тој – ако воопшто контактира со „народот“ – се среќава со ограничен број луѓе и по правило со иста политичка определба. Од друга страна, има анкети кои покажуваат дека две третини (попрецизно 63 проценти) од испитаниците („народот“!) имаат доверба во СЈО. Значи, „лажено, шпекулирано, дезинформирано“?



Наместокриминалци, обвинителиобвинуваатобвинители

Ме скокотка соопштението на ОЈО, иако не е за смеење. Обвинителите (кои, колкумина?) истакнуваат дека се „свесни“ оти, како што велат, „обврска ни е да гониме криминал, а не да создаваме клима за непочитување на законите“.  Значи, кога не го прават тоа, свесно ја кршат обврската! Или она, „а не да водиме политички кампањи“! А што е ова писмо токму сега кога треба да започне судски расплет на криминалот што го сугерираат снимките од прислушувањето? Или констатацијата „сите сме дел од правосудниот систем кој, меѓу другото, не спие“. Точно, будно внимаваат да ги штитат криминалот и злоупотребите на власта. А сега некој во тој систем можеби не го фаќа сон и поради идната разврска која неминовно ќе мора да ја опфати и нивата улога. Или и ова, дека  не чувствувале потреба „јавно да се експонираат“? Како токму сега, кога е преломен момент, почувствуваа таква потреба? И, како капак на се`, уште и пораката (упатена со латинска поговорка) „Живеј чесно, не повредувај друг, секому дај му што му припаѓа“. Сето го напишале како да се гледаат себе си во огледало, само го упатиле на туѓа адреса, која немаше ни да постои ако тие постапуваа онака како што бара законот!
Значи, накратко: прво се јави Судскиот совет, па ЈО. Кој е сега на ред? Управниот суд, Врховниот суд? Или едноставно ќе пресече Уставниот суд и ќе го „избрише“ СЈО кое им создава толку главоболки?!



Старапеснанамедиумскитекурири - кадееадхоккомисијата?

Еден од од медиумските курири на власта објави дека меѓународната заедница, т.е Брисел, ЕУ, немала „конкретни позиции околу барањата на СЈО (...) ниту јасен став за можно продолжување на работата на СЈО“. Нагласувајќи го ставот на Брисел дека СЈО треба да биде помалку видливо до изборите, вметнува и реченица „на кои по се изгледа ќе победи ВМРО“. Чија констатација е тоа, на ЕУ или на авторот на текстот? Споредете какви се оригиналните формулации! Се разбира, испуштено е барањето тоа обвинителство да ја интензивира работата. Други медиумски курири пишуваат за „скандал“, оти амбасадорот на САД посетил штабови на СДСМ, и во тоа се открива доказ кој е чадорот (демек, покровителот на оние што се борат за смена на  власта). А во тој текст нема ни збор дека истиот тој ден истиот тој амбасадор во истиот тој град го посети и штабот на ВМРО! И овде одлично се вклопува слоганот „Лажено, шпекулирано, дезинформирано“?
Патем, постои ли уште ад хок телото што во овој период треба да ја следи работата на медиумите?



Различнаполитичкаопција, истаматрица

За крај и за интервјуто на предводникот на опозицијата за локална телевизија од градот во кој тој е градоначалник. Мене највпечатливо ми е како тој, минимизирајќи ја дури и со гласот инцидентната ситуација, ја објасни сцената кога на Јанева не ѝ дозволуваа да влезе во МВР. Грешката била нејзина: не се влегувало низ портата туку од кај портирницата – нели потоа можела да влезе?! (Да, откако два пати интервенираше по телефон). Инаку, СЈО можело да си ја изврши работата благодарение на професионалниот однос на министерот.
Со оглед на тоа дека актуелниот „преоден“ министер е од редовите на неговата партија, очигледно сакаше да прикрие дека тој во клучните моменти немал контрола врз целото министерство. Но, скриената, свесно или несвесно пласирана порака што произлегува од наивното префрлување на вината врз Јанева за таа сцена е: ако дојде ситуација за избор меѓу СЈО и некој од моите, секогаш ќе сум за моите. А тоа е истата матрица на однесување како и на оние од  власта.

Кој е кој во македонската политика

Ѓорге Иванов- претседател на државата

Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.

Кој е кој во македонската политика

Никола Груевски - ВМРО-ДПМНЕ

Беше избран за премиер во 2006 година како млад технократ кој најавуваше „Преродба“ на државата. Кормилото на ВМРО-ДПМНЕ го презеде во 2003. Боксер во детството, брокер во младоста, во меѓувреме стана политичар со најдолг премиерски стаж. Во јануари 2016 ја напушти функцијата жестоко притиснат по скандалот со прислушкувањето. Изборите во декември ќе ја одредат неговата, не само, политичка судбина.

Кој е кој во македонската политика

Зоран Заев - СДСМ

Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ. Неговата амбиција е градоначалничката функција да ја замени со премиерска.

Кој е кој во македонската политика

Али Ахмети- ДУИ 

Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Гласањето за некои клучни закони во Собранието укажува дека Ахмети му останува верен на Груевски и натаму.

Кој е кој во македонската политика

Мендух Тачи - ДПА

Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.

Кој е кој во македонската политика

Здравко Савески- Левица

Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата Левица најави самостоен настап на изборите, со отворена можност таквата одлука да се преиспита. 

Кој е кој во македонската политика

Андреј Жерновски- ЛДП

Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.

Кој е кој во македонската политика

Африм Гаши- Беса

Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција. 

Кој е кој во македонската политика

Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. Малкумина ќе бидат изненадени доколку тоа се случи. 

Кој е кој во македонската политика

Ивон Величковски - Либерална партија

Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. Прашање е дали самостојниот настап на изборите на ЛП ќе и донесе пратеничко место?

Кој е кој во македонската политика

Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА

Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. Анкетите не и даваат големи шанси на неговата партија на изборите, но Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник. 

Кој е кој во македонската политика

Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија

По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а сега најавува учество на неговата Обединети за Македонија на предвремените избори. Прашањето е само... со кого? Засега се најавува соработка со ВМРО-НП на Георгиевски, но никој со сигурност не ја исклучува можноста дека двајцата би можеле да се вратат во прегратките на Груевски. 



Поврзана содржина

Следете нѐ