1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Нов смртоносен напад во Кабул

СН/ агенции
29 јануари 2018

Повеќе од 150 загинати само во јануари: Кабул е сѐ поопасно место. Терористи од Исламска држава денеска повторно извршија напад во авганистанскиот главен град. Овојпат цел беше војската.

https://p.dw.com/p/2rgXb
Afghanistan Angriff auf Militärbasis in Kabul
Фотографија: Reuters/M. Ismail

Во нападот кој го извршија пет тешко вооружени борци на терористичката милиција Исламска држава (ИД) врз база на авганистанските вооружени сили во Кабул, според официјалните информации загинале најмалку 15 луѓе, меѓу нив и четворица напаѓачи.

Двајца напаѓачи се разнеле себеси во воздух, други двајца биле смртно застрелани, а еден напаѓач бил уапсен, изјави утрината портпаролот на авганистанското министерство за одбрана, Даулат Вазири. 16 авганистански војници биле повредени во нападот. Претходно беше соопштено дека пет војници биле убиени, а десет повредени.

Повеќе на темата: 

-Многу загинати во бомбашки напад во Кабул

-Напад врз хуманитарна организација во Авганистан

-Да се застане и да се размисли за Авганистан

Цел на нападот, според Вазири, била базата на 111. бригата во близина на воената академија Маршал Фахим. Со тоа ги демантираше информациите дека големата воена академија била цел на нападот. Тоа, имено, претходно го соопштија Претседателската палата, еден офицер кој живее во близина на академијата и авганистанските медиуми.

Не може со сигурност да се каже дали станува збор за семантичка разлика, или за уште едно потфрлање на безбедносните сили во заштитата на нивните институции. Во октомври имено, пред портите на академијата, во напад на талибански бомбаш самоубиец врз автобус полн со кадети загинаа најмалку 15 луѓе.

Инаку петтемина напаѓачи денешниот напад го започнале во пет часот утрината по локално време. Борбите, според Вазири, завршиле по цели пет часа. Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава преку својата пропагандна интернет страница Амак.

Станува збор за четврти тешок инцидент во Кабул во јануари. Повеќе од 150 луѓе загинаа во овие напади. Во најтешкиот од нив во саботата загинаа 100 луѓе откако бомбаш самоубиец се резнесе себеси во центарот на градот.