1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

230709 Kulagin Mord

24 јули 2009

Полицијата ја потврди смртта на соработникот на организацијата „Справедливост“, Андреј Кулагин, кој два месеци се водеше како исчезнат. Неговото тело беше пронајдено на границата со Финска уште на 10 јули.

https://p.dw.com/p/IwZF
Андреј КулагинФотографија: Spravedlivos

Андреј Кулагин имаше една главна цел: се залагаше за подобри услови во руските затвори. Тој учествуваше во хуманитарни акции, организираше на пример спортски манифестации за затворениците, на кои тие можеа да освојат дополнителни термини за посета.

Голема загуба

И тој не се плашеше да им се спротивстави на властите: „Тој честопати пишуваше поплаки, кога ќе видеше дека работите се одвиваат погрешно во затворите, кога се прекршуваат правилата“, вели Андреј Столбунов, шеф на организацијата за заштита на човековите права „Справедливост“ за која Кулагин го раководеше бирото за руската Република Карелија. „Тоа претставува и шок за нас. Голема загуба“, вели Столбунов.

Estemirova Menschenrechtlerin im Nordkaukasus erschossen
Наталија Естемирова беше убиена минатата недела во ЧеченијаФотографија: picture-alliance/ dpa

На 14 мај Кулагин исчезна. Неговите колеги говореа дека тој вечерта преку телефон бил поканет на средба во едно кафуле. Последен кој го видел бил таксистот кој го возел до кафулето. Потрагата по него траеше долго вели Столбунов: „Ние и покрај тоа се надевавме на најдоброто. На 10 јули го пронајдоа неговото тело. Тоа беше објавено дури на 15 јули. Беше тешко да се идентификува телото. Лето е, а тоа лежело таму во песочна јама цели два месеца. Беше тешко.“

Убијците веројатно никогаш нема да бидат пронајдени

Властите досега молчат за случајот. Колегите сметаат дека постои директна врска меѓу неговата работа и убиството. За активистите за човековите права во Русија тоа е уште еден удар. Минатата недела соработничката на организацијата „Меморијал“, Наталија Естемирова беше киднапирана и убиена во Чеченија.

Мотивите на злосторниците се веројатно различни, но фактот дека тие и налогодавачите по правило не се фаќаат и осудуваат поттикнува нови злосторства, убедени се активистите за човекови права.


Автор: Кристина Нагел/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска