1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасен пат во експлозивното минато на Балканот 

Марина Максимовиќ
21 април 2021

Многу е опасно да се верува дека промените на границите, кои би воделе и до етнички размени, може да доведат до решение на Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/3sIl2
Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Западен Балкан се уште е чувствителен регион, којшто е склон кон брза дестабилизација поради сè уште отворените рани од минатото, кои денес политички коректно се нарекуваат „отворени билатерални прашања", а тоа го покажа и информацијата за еден текст, кој, поради неговиот неофицијален карактер, не може да се нарече документ, па дури ни лист хартија. Таканаречениот„нон-пејпер“, без заглавие и потпис, медиумите му го припишаа на словенечкиот премиер Јанез Јанша. Тој со неговиот амбивалентен став со кој ниту признава ниту негира, дополнително ја запали искрата, која брзо го „запали“ целиот регион и се прошири, очекувано преку границите на ЕУ.
Со текстот се предлага „ставање крај на распадот на Југославија“, односно „финално“ поместување на границите на Западен Балкан со цел да се создадат распарчени, но „одржливи и функционални“ Босна и Херцеговина, Албанија со припоено Косово и делови од Северна Македонија, Србија со споена Република Српска.

-повеќе на темата: Мухамед Халили: На Западен Балкан му треба мир и обединување, а не распарчување

Институциите на ЕУ сè уште не го потврдија пристигнувањето на таков текст во Брисел, и веројатно никогаш нема да го потврдат. Официјален Брисел само го повтори својот став дека „ништо не треба да се менува кога се во прашање границите на Западен Балкан“.
„Треба да работиме на регионално помирување и соработка, што е и логиката на процесот на европска интеграција. Сите отворени прашања меѓу државите треба да се решат во процес којшто не навлегува во опасни територии и се потпира на законите и принципите на ЕУ“, рече портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот, повтори дека „цртањето нови граници е опасен пат“, а „регионалното помирување и соработка се клучот за мир, демократија и просперитет“ на Западен Балкан. Исти пораки пристигнаа и од Европскиот парламент, од каде известувачот за Србија, Владимир Билчик, порача дека „менувањето граници и територии е опасен пат до експлозивното минато“ на регионот.

Опасни компромиси

Сепак, дека појавата на тој текст не е случајна, дека има своја предисторија и дека има луѓе кои решението за сите проблеми на Западен Балкан го гледаат во промена на границите, Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност и Бодо Вебер од берлинскиот Совет за демократизација на политиката во разговор за ДВ, потсетуваат дека размената на територии не толку одамна беше тема во регионот и во ЕУ, кога во 2018 година се зборуваше за размена на територии меѓу Србија и Косово.

-повеќе на темата: Кој црта нови граници во Македонија

„Ваквите работи постојано се појавуваат. Тие беа присутни и за време на војната во поранешна Југославија. Но, треба да се има предвид и причината што доведе до овие војни. Затоа е многу опасно да се верува дека промените на границите, кои би воделе и до етнички размени, може да доведат до решение на Западен Балкан", вели Штиглмајер. Таа смета дека појавата на вакви идеи во овој момент се еден вид на пробен балон за да се види реакцијата на земјите-членки и да види дали тоа е патот по кој може да се оди. „Мое мислење е дека тоа дефинитивно не е вистинскиот пат, бидејќи тоа само ќе доведе до конфликт, а потоа и до вооружен судир во сите погодени земји од Западен Балкан“, нагласува аналитичарката од Брисел.

Alexandra Stiglmayer
Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилностФотографија: Alexandra Stiglmayer


Бодо Вебер укажува дека во претходните четири години целиот регион бил загрозен од дестабилизација поради идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово и дека сега е направен „нов процеп“ што ја пренесува заканата на територијата на БиХ.
„Во изминатите четири години, се забележува динамиката на ‘опасно застранување’ на некои претставници на ЕУ и САД кои преговараат во регионот на Западен Балкан, а прво фокусирајќи се на преговорите меѓу Србија и Косово, беа закана за стабилноста на целиот регион со лудата идеја за размена на територија. Потоа, во БиХ, успеаја да постигнат „валканиот договор“ за етничка поделба на локално ниво, т.н. Мостарски договор. „Сето ова покажува дека нашите западни преговарачи во кризни ситуации се склони да склучат каков било договор, што значи и лош компромис со опасни регионални агенди, коишто би им биле од полза на националните лидери на Западен Балкан“, заклучува Вебер.

Радикален документ

Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност потсетува на фактот дека, во процесот на решавање на „косовското прашање“, некои од лидерите на ЕУ ја поддржаа опцијата „за кое било решение за кое ќе се договорат двете страни“. Таа додава дека наводниот словенечки „нон-пејпер“ е „многу порадикален“, без претходна консултација со земјите коишто се погодени од него.
„Не мислам дека БиХ, Северна Македонија, ниту Косово би се согласиле на тоа. Можеби Албанија, но тоа би значело нејзино напуштање на патот на ЕУ“, вели Штиглмајер.
Во исто време, албанскиот премиер, Еди Рама, е единствениот кој потврди дека го видел документот и дека разговарал за „идејата“ со словенечкиот премиер. Аналитичарите од Брисел и Берлин се согласуваат дека нема поддршка од мнозинството за таквата „идеја“.
„Доколку постои таков документ, во форма како што е објавен во медиумите, тоа ќе покаже дека господин Јанша, во својата радикалност, всушност повеќе делува контрапродуктивно за да ја промовира својата идеја. „Верувам дека ова е многу суров начин на лобирање за такви опасни идеи, ако тоа е навистина вистински и автентичен документ“, изјави Бодо Вебер за ДВ. Тој додава дека се надева дека новонастанатата ситуација ќе ги поттикне државите на ЕУ да се спротивстават на опасниот начин на преговарање на претставниците на ЕУ, конкретно во БиХ, во овој момент.

Bosnien und Herzegowina Bodo Weber
Бодо Вебер од берлинскиот Совет за демократизација на политикатаФотографија: Privat


„Овие преговори се закана за понатамошна етничка поделба на БиХ под закрила на ЕУ и САД, па дури и за распаѓање на земјата и дестабилизација на целиот регион, како што би го доживеале исто и доколку се постигнеше договор за размена на територии меѓу Косово и Србија. Заканата е реална од нечесните и нетранспарентни преговори на европските претставници, а помалку од таквото отворено застапување на етно-националистички идеи како што е фамозниот нон-пејпер од Љубљана“, заклучува Вебер.

Тест без влијание и политика за будење

Текстот, околу кој се крена прашина на Западен Балкан и ширум ЕУ, наводно бил доставен до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како дел од најавените приоритети коишто Словенија ќе ги застапува кога ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ во средината на годината.
Александра Штиглмајер смета дека по добиените реакции, словенечкиот премиер нема да продолжи да инсистира на слични идеи и дека не треба да се очекува некаков радикален пресврт во политиката на ЕУ кон Западен Балкан. „Не верувам дека ова може да биде основа за каква било нова политика на ЕУ кон Западен Балкан. Повеќето земји-членки поддржуваат мултиетнички држави засновани на човекови и граѓански права. Ова нема официјално да се дискутира понатаму во Брисел“, вели Штиглмајер и додава: „„Неопходен е нов поттик во политиката на ЕУ кон Западен Балкан, но не гледам дека има вистински повик за будење“. 
Во разговорот за ДВ, Штиглмајер ја повика ЕУ конечно да му понуди на Западен Балкан „нешто навистина кредибилно“, како и пофункционален процес на пристапување. „Во спротивно, се плашам дека ќе има конфликт. Две особено проблематични ситуации се оние меѓу Србија и Косово и оние во Босна и Херцеговина“, заклучува Александра Штиглмајер.