1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Норвешка е победник на Евросонг!

17 мај 2009

„Новите правила“ на Евросонг го направија своето - не само што го намалија влијанието на југоисточниот блок, туку и источноевропските земји останаа со „кратки ракави“. Затоа, пак, Скандинавците триумфираа!

https://p.dw.com/p/Hs3F
Александер Рибак е не само изведувач, туку и автор на музиката и на текстот на победничката нумера „Бајка“Фотографија: dpa

Александер Рибак, Норвежанец со белоруско потекло, беше фаворит од самиот почеток, иако, како што се потврди и со гласањето, прогнозирање на резултатите беше речиси невозможно. Рибак можеби ги потврди проценките на новинарите и обложувалниците, но од останатите фаворити пред Евровизија, на четврто место стигна уште само Турција. Исланд е најголемото и најпријатно изненандување, додека бронзата му припадна на Азарбејџан.

„И сами знаете дека од самиот почеток бевме главни фаворити за победа. Мене тоа прво не ми беше толку важно зашто намерата, пред се‘, ни ‘ беше да ја вратиме Норвешка на ’евровизиската мапа’. Сега, тоа мое мислење можам да го променам. Тоа што бевме фаворити беше и тоа како важно. И ние, ете - победивме! Значи, Норвешка е конечно на евровизиската мапа, зашто Евросонг 2010 година ќе биде одржан во Норвешка“, прокоментира на самиот почеток на својата прва прес конференција Александар Рибак, откако беше прогласен за победник во московската Олимписка арена. 23-годишниот Рибак не крие дека белоруското потекло му погнало да и‘ ја донесе победата на Норвешка: „Да, но не политички. Додека на овие простори доминираат меланхолични и носталгични емоции, ние во Норвешка се чувствуваме како најсреќните луѓе на светот. Мешавината од сето тоа, судејќи според се‘, се покажа успешна“, појасни овогодинешниот победник на Евросонг.

Eurovision Song Contest: Yohanna aus Island
Џоана од Исланд е на втората позицијаФотографија: AP
Eurovision Song Contest Gewinner
Евросонг оди за Осло!Фотографија: dpa

Фаворитите потфрлија

Победата на Норвешка на Евросонг, во Москва, уште еднаш потврди дека за добра песна, во текот на гласањето, е важно да се добие поен од речиси секоја земја која гласа, што и се случи со композицијата на Александар Рибак „Бајка“. Второпласираниот Исланд заостануваше цели 169 поени зад победникот. Освен Норвешка, Исланд Азарбејџан, Турција и Велика Британија, добар резултат оствари и Естонија, но затоа другите фаворити како Сакис Рувас од Грција или Регина од Босна и Херцеговина, завршија на седмото, односно деветтото место. Од земјите кои и‘ припаѓаат на „големата четворка“, овојпат, најлошо мина Шпанија, чија композиција „La Noche Es para Mi“ се најде на претпоследното, 23 место. Ни германското дуо Алекс свингс, Оскар сингс заедно со една од најпознатите еротски танчерки во светот - Дита фон Тиз, не оствари многу подобар резултат - 20 место.

Eurovision Song Contest: Alex und Dita Von Teese für Deutschland
На германскиот претставник, дуото „Alex Swings Oscar Sings“ не му помогна ни Дита фон ТизФотографија: AP

Жирито одлучило наместо Македонија, во финале да оди - Финска!

Откако победникот на овогодинешниот Евросонг е прогласен, Европската радиодифузна унија потврди дека стручното жири интервенирало и во првото и во второто полуфинале, со тоа што го именувало десеттиот финалист. Приказната е дотолку поинтересна поради фактот што Македонија и Србија практично испаднале откако жирито гласало поинаку од публиката. Така, наместо Македонија, во финалето се најде Финска, која според бројот на освени гласови, инаку, била на 12. место, додека местото на Србија и‘ е дадено на Хрватска, која по гласањето на гледачите завршила на 13. место. Правилото - стручното жири да го именува десеттиот финалист е воведено минатата година.


Автор: Небојша Јаковљевиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска