1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ноќта кога загинаа три илјади луѓе

3 декември 2009

Во ноќта спроти 3 декември 1984 година, во Бопал, главниот град на централната индиска република Мадја Прадеш, се случи една од најголемите светски катастрофи.

https://p.dw.com/p/KpS8
Хемиската фабрика во БопалФотографија: AP

Несреќа во фабриката за пестициди на американската фирма „ Унион Кербид Корпорејшн“ доведе до ослободување на повеќе тони отровни гасови. Во само една ноќ, животот го загубија повеќе од 3.000 луѓе, а во текот на наредните години повеќе од 22.000. Многу од преживеаните и ден-денес страдаат од последиците на катастрофата. Напуштениот фабрички простор се‘ уште ослободува отрови штетни за човековата околина, овојпат преку воздухот и подземните води.

„Ми горат белите дробови“

Со својата рикша на три тркала Али Иршад ита преку правливите и кривулести улици на Бопал. До местото на возачот виси мал, сино-бел апарат. Апаратот за дишење е неговиот постојан придружник. Али беше 11-годишно момче кога се случи катастрофата во Бопал, и тој и ден-денес има проблеми со дишењето. Шест членови на неговата фамилија загинаа во несреќата. Денес, тој живее со неговата сопруга и има шест деца.

Kinder mit körperlichen Behinderungen in Bhopal
Поради катастрофата страдаат околу 100.000 луѓеФотографија: Pia Chandavarkar

„Многу често не можам да дојдам до воздух и ми горат белите дробови. Ноќе не гледам добро, но сепак морам да возам за да заработам пари. Правот и чадот на извалканите улици е многу лош, поради што и лекарот ми забрани да возам рикша. Но, како поинаку да го прехранам семејството“

Иршад не е едниствениот кој страда од последиците на гасната катастрофа која се случи во Бопал. Речиси 100.000 луѓе ја делат неговата судбина. Најчести болести се хроничните тегоби на дишните патишта и очите, болестите на бубрезите, како и канцерогени заболувања, кои се пренесуваат од генерација на генерација. Многу деца во овие подрачја се раѓаат со телесни и психички мани.

Фабриката е уште таму

Катастрофата остави зад себе траги, но не само преку задоцнетите последици од гасните облаци, туку и поради тоа што пропаднатата фабрика на американската фирма „Унион Кербид Корпорејшн“ се‘ уште стои на исто место. На луѓето кои живеат во околината на фабриката, самата глетка кон фабриката и нејзините високи кули им буди непријатни сеќавања на страшната ноќ пред 25 години.

Indien Union Carbide Fabrik in Bhopal
„Унион Кербид Корпорејшн“ се‘ уште стои на исто местоФотографија: AP

По судската спогодба со индиската влада, фирмата „Унион Кербид“ ја отфрли одговорноста да го исчисти фабричкиот терен, на кој моментално се наоѓаат илјадници тони од отровните остатоци, кои ги загадуваат подземните води. Според актуелниот извештај на индиската организација за истражување на околината, подземната вода во околината на фабриката содржи 40 пати повеќе хемикалии од нормалното. На три километри од фабриката, подземната вода содржи траги од пестициди и метални супстанци, во најголем дел - жива.

Нема алтернативен извор на вода

Сето тоа остава тешки последици врз луѓето на кои водата им е неопходна. Рам Баи, која живее во Прем Нагар, населба во близина на фабриката ги опишува условите.

Grundwasser in Bhopal
Подземната вода содржи траги од пестициди и метални супстанци, во најголем дел - живаФотографија: Pia Chandavarkar

„Очите често ни‘ горат и имаме проблеми со метаболизмот. Веќе 25 години ја пиеме оваа загадена вода, оти не добиваме чиста. Постојано се соочуваме со болести, и затоа го бараме своето право на чиста вода. Ние веќе остаревме, но барем на нашите деца сакаме да им обезбедиме подобар живот.“

Алтернативен извор на вода не постои за сите семејства. Во 2004 година највисокиот суд во Индија и' наложи на покраината Мадја Прадеш да им обезбеди на 14 населби во близина на фабриката питка вода. Државата изгради мрежа на питка вода, но таа опфаќа само 9 од вкупните 14 населби, вели Абдул Џабар:

„Водата за пиење се дели со една болница, така што жителите од овие населби секој втор ден добиваат вода. Меѓу другото, на луѓето им е кажано дека треба да платат за тоа, затоа што е тоа приватен спој, но тоа се сиромашни луѓе кои живеат во сиромашни квартови во градот и немаат пари да ги плаќаат тие такси.“

Настанот од пред 25 години е минато, но за преживеаните во Бопал тој е сеприсутна вистина, која никогаш не ќе можат да ја заборават.

Автор: Пиа Чандаваркар / Дана Трајчев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска