1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСА-афера: САД сакаат да разговараат

АТ/ дпа/ афп/ ртр26 октомври 2013

САД признаа дека постојат тензии со некои од нивните партнери по последните откритија за активностите на тајната служба НСА. За тоа се разговарало со сојузниците, се вели од Вашингтон.

https://p.dw.com/p/1A6W5
Фотографија: imago/Christian Ohde

Портпаролката на американското министерство за надворешни работи Џенифер Псаки во Вашингтон изјави дека обелоденувањето на активностите на НСА било голем проблем во односите со сојузниците и довело до иритации во јавноста. САД се во разговор со тие сојузници.

Обелоденувањата на поранешниот службеник на тајните служби Едвард Сноуден меѓутоа не смеат да ја попречат соработката кај темите Сирија, Иран или преговорите за договорот за слободна трговија. Тоа навистина би било грешка, појасни портпаролката на Стејт департментот. Според медиумски извештаи, кои се повикуваат на документи на Сноуден, НСА прислушувала телефони на 35 водечки политичари во светот, меѓу нив и мобилниот телефон на германската канцеларка Ангела Меркел.

Како доказ за подготвеноста за дијалог на американската влада Псаки укажа на претстојната посета на делегација владини претставници од Германија во Вашингтон. „Очекуваме да има редица средби со релевантни соработници на различни институции“, рече Псаки. Други детали за посетата сѐ уште не се познати. Заменик портпаролот на германската влада Георг Штрајтер соопшти вчера во Берлин дека „високи по ранг владини претставници“ наскоро ќе отпатуваат во САД за да разговараат за аферата околу работата на НСА.

Bundeskanzlerin Merkel NSA Überwachung Obama
САД ќе разговараат со сојузниците (Меркел и Обама - архива)Фотографија: picture-alliance/dpa

На самитот на ЕУ во Брисел канцеларката Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд побараа гаранции од претседателот на САД Барак Обама дека ќе се стави крај на шпионирањето на најблиските сојузници. До крајот на декември меѓутоа мора да се постигне согласност за јасни правила за соработката на германските и француските тајни служби со САД, оценија Меркел и Оланд. Други држави на ЕУ сакаат да се приклучат кон оваа иницијатива.

Германија исто така во ОН сака да се заложи против шпионирањето на електронската комуникација. Имено, Германија заедно со Бразил наредната недела ќе поднесат резолуција за заштита на приватана сфера и човековите права до Комисијата за хуманитарни прашања на Генералното собрание на ОН, објави агенцијата ДПА, повикувајќи се на дипломатски кругови во Њујорк. Овој документ, како што пренесува агенцијата не бил реакција на сомнежите за шпионски напади против мобилниот телефон на Меркел, туку резолуцијата била подготвувана подолго време.

Angela Merkel mit Dilma Rousseff in Chile
Германија и Бразил во ОН ќе се заложат против шпионирањето на електронската комуникацијаФотографија: Reuters

Исто така и Бразил беше цел на шпионски акции на НСА. Претседателката Дилма Русеф неодамна ја откажа планираната посета на Вашингтон, откако беше откриено дека американските тајни служби ја прислушувале комуникацијата на нејзината канцеларија.

Во Мексико американскиот амбасадор Антони Вејн повторно беше повикан на разговор во тамошното министерство за надворешни работи, поради шпионските активности на НСА. Според извештај во германскиот магазин „Шпигел“, кој се потпира на документи на Сноуден, на еден специјален оддел на НСА во 2010. му успеало да го пробие и-меил контото на тогашниот претседател Филипе Калдерон. Уште во септември телевизијата Глобо, повикувајќи се на документи од Сноуден, информираше дека сегашниот претседате Пена Њето бил прислушуван пред изборите.