1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСУ-процесот без турски медиуми?

Нина Веркхојзер / Елизабета М. Фиданоска27 март 2013

На 17 април во Минхен почнува судски процес против осомничената терористка на десноекстремната НСУ, Беате Чепе. Иако осум од жртвите на НСУ се со турско потекло, постојано место за турските медиуми во судската сала нема!

https://p.dw.com/p/184mj
Фотографија: Reuters

Дел од турските новинари не можеа да им веруваат на очите кога го видоа списокот. Меѓу медиумите кои имаат загарантирано место во салата кадешто ќе се одвива судскиот процес против Беате Чепе нема ниту едно место за новинар од турски медиум. „Ова е изненадувачки и разочарувачки“, вели новинарот Мустафа Горкем, кој во Берлин работи за „Дојч Туркише Журнал“. „Ќе беше добро за веродостојноста на судот да има транспарентност“, изјави Горкем за ДВ. Осум од десетте жртви на десноекстремистичната терористичка ќелија Националсоцијалистичко подземје (НСУ) беа со турско потекло, па интересот за овој судски процес меѓу Турците во Германија, како и во Турција, е многу голем.

Според строго формална постапка

Место во салата добија 50 новинари. Сигурно место имаат најголемиот дел од големите германски дневни весници, новински агенции и радио и телевизиски станици. Од меѓународните медиуми има место само за неколкумина. На пример, место не добија ниту Би-Би-Си или Њујорк Тајмс.

Според одделот за печат на судот во Минхен, барањата за акредитација се разгледани според „редоследот на поднесување“. Судот укажува дека вкупно 123 новинари добиле акредитација, но само 50 од нив добиле постојано место во судската сала. Ако овие места бидат празни, тогаш нив може да ги заземат претставници на други медиуми. Политичарите и новинарските здруженија реагираат - тоа е бирократски, несензибилно и неразбирливо.

Symbolbild Medienfreiheit
Новинарските здруженија критикуваат дека бројот на постојани места за новинарите во салата е многу малФотографија: Fotolia/sahua d

За новинарот Мустафа Горкем се работи за многу повеќе од само едноставно известување за еден кривичен процес. Расистички мотивираната серија убиства извршени од страна на НСУ е исклучителна во историјата на Германија. „Многу Турци ја загубија довербата во германските безбедносни служби, се чувствуваат запоставени и со изиграна доверба“, вели Горкем. Токму поради ова е важно турски новинари да го набљудуваат лично процесот и да известуваат за него од своја перспектива. На тој начин би можела да се поврати загубената доверба.

Голем интерес, малку места

Со оглед на големиот национален и интеренационален интерес за судскиот процес, 50 места за новинарите се многу малку, критикува Германското здружение на новинари (ДЈВ). Ева Вернер, заменик портпарол на ДЈВ за ДВ вели дека малиот број места „фрла лошо светло врз германското правосудство“. Сега судот треба да побара други можности, се вели во ДЈВ. Може целиот процес да се префрли во друга сала, но судот таквата опција досега ја отфрла.

NSU Prozess Beate Zschäpe Gerichtssaal
Судот вели дека местата биле доделени според редоследот на пристигнување на барањатаФотографија: Reuters

Салата којашто е предвидена за процесот е веќе проширена и има вкупно 230 места. Речиси половината е резервирана за котужителите и нивните адвокати, а тука се и местата резервирани за „општа јавност“. И за нив веќе имаше дебата, поради тоа што судот не сакаше да резервира место за турскиот амбасадор и ополномоштеникот на турскиот парламент за човекови права. Одлука која беше критикувана од страна на претседавачот на Истражната комисија на Бундестагот за случајот на НСУ, Себастијан Едати. Тој рече дека е несфатливо турскиот амбасадор да мора да чека во редица, во која веројатно ќе има и неонацисти.

Rechtsextremistische Terroristin Beate Zschäpe
Беате Чепе е обвинета за основање терористичко здружениеФотографија: Getty Images

За судот целиот проблем не е прашање на место, туку на безбедност. Конечно, станува збор за десноесктремистичката НСУ, чиј член, според обвинението, била и Беате Чепе, на која треба да и‘ се суди. Нејзините двајца соучесници си го одзедоа животот во 2011 година, кога полицијата им беше „зад петици“. На сметка на триото на НСУ се десет убиства, голем број бомбашки напади, грабежи на банки и подметнување пожар. Чепе, која досега молчи, е обвинета за основање терористичко здружение. Во текот на судењето треба да се докаже дека учествувала во злосторствата на НСУ. Според судот, безбедноста во текот на судскиот процес има приоритет.

За заинтересираните претставници на странските медиуми пак, транспарентноста е поважна. За нив процесот е индиција за тоа како германската држава се однесува кон серијата убиства со десноекстремна заднина и какви заклучоци од тоа ќе се извлечат. По големите пропусти на безбедносните органи кои со години не можеле да му влезат во трага на терористичкото трио на НСУ, очекувањата за веродостојно расчистување на случајот се разбирливо - многу високи.