Обама бесен на „Бритиш Петрол“
4 јуни 2010Американскиот претседател Барак Обама ја откажа посетата на Индонезија и Австралија и по третпат во последниот месец, денеска се упати во посета на регионот на Мексиканскиот залив, погоден од еколошката катастрофа.
„Бесен сум поради целата оваа ситуација“, изјави Обама за СиЕнЕн, објаснувајќи дека БП е пример за компанија која не размислува за последиците од своите активности. Но, критичарите велат дека Обама реагирал многу бавно и неодлучно во однос на кризата. Веќе шест недели нафтата истекува во заливот, а нафтениот концерн не успева да го затвори изворот на дното на морето.
„Тие ја почувствуваа мојата лутина, бидејќи спротивно на мојата желба од нив не успеав да видам една брза реакција“, рече Обама.
БП: Не чека уште многу работа
Од „Бритиш Петрол“ денеска соопштија дека успеале да поврзат нова цевка кон изворот на нафта во морето, преку која ќе се обидат да го спречат истекувањето, но ќе бидат потребни околу 24 часа за да се утврди успешноста на ваквото решение.
„Овде имаме уште многу работа. Увидовме дека ова е само почеток“, изјави директорот на БП, Тони Хејворд.
Во меѓувреме американските власти му ја испорачаа на БП и првата сметка за трошоците за чистење на брегот зафатен од нафтата. Британската компанија ќе мора да плати 69 милиони долари во првата рата, но се очекува севкупните побарувања да достигнат до 20 милијарди долари. Се проценува дека досега се излеале околу 75 милиони литри нафти, а погодени се четири американски сојузни држави.
Aвтор: Никол Марквалд/Борис Георгиевски
Rедактор: Александра Трајковска