1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ги заостри санкциите против Иран

7 февруари 2012

САД ги заострија санкциите против финансиските институции во Иран. Сега може да биде замрзнат имотот на сите ирански министерства и државни институции.

https://p.dw.com/p/13yMW
Барак ОбамаФотографија: dapd

Американскиот претседател Барак Обама санкциите против Иран ги образложи со „измамничката работа“ на иранските банки, вклучувајќи ја и Централната банка, коишто прикриваат сметки на субјекти кои се под санкции и претставуваат опасност за меѓународниот финансиски систем.

„Одлучив да бидат воведени дополнителни санкции, посебно поради измамничката пракса на Централната банка на Иран и други ирански банки за прикривање на сметки на субјекти, кои се под санкции, поради недостатоците на иранското законодавство против перењето на пари и неприфатливата опасност за меѓународниот финансиски систем што ја предизвикуваат дејствата на Иран“, истакна Обама во писмото испратено до Конгресот.

Новите мерки дозволуваат замрзнување на сметките

Според него овие мерки се уште еден чекор во напорите на САД за изолирање на Иран. Согласно претходните санкции, американските банки требаше да ги отфрлат иранските трансакции, а не да ги блокираат и замрзнуваат. Со новите мерки им се дозволува на американските институции да замрзнуваат сметки кои се под нивна контрола.

Со санкциите САД сакаат да го принудат Иран на попуштање во препирката околу спорната атомска програма на Техеран. Западот е уверен дека Иран под плаштот на цивилна атомска програма тајно работи на создавање нуклеарно оружје, што Техеран го негира.

Автор: Жана Ацеска /АМ/дв/миа

Редактор: Б. Георгиевски