1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама игра и пее во Франкфурт

22 јануари 2010

Во германскиот град Франкфурт премиерно беше изведен мјузикл кој ја разкажува приказната на американскиот претседател Барак Обама. Тој е наречен „Надеж“ и инспириран од претседателските избори од 2008 година.

https://p.dw.com/p/LdeC
„Надеж“- мјузикл за Барак ОбамаФотографија: HOPE Musical

Во просторијата за проби, техничарите ги проверуваат музичките системи, а изведувачите ги заземаат своите позиции за првата песна од новиот мјузикл за Обама. Текстот на песната говори за грижите на многумина во САД воочи претседателските избори во 2008 година.

Една од приказните во шоуто е фокусирана на група од различни луѓе кои живеат во Чикаго. Меѓу нив има еден човек од Порторико, кој ја загубил работата и вербата во политиката, еден афро-американски активист и конзервативна вдовица која имигрирала од Германија.

Обама во 2008 им ја врати на луѓето вербата во иднината

„Секоја личност ги доловува општите услови во кои се наоѓаа луѓето тогаш. Без работа, со загубен дом. Приказната е за луѓето.“

Hope Musical Flash-Galerie
Сцена од мјузиклот „Надеж“Фотографија: HOPE Musical

Рендал Хачинс, Американец кој живее во Германија го напиша сценариото и ја компонираше музиката за шоуто. Тој вели дека сакал да прикаже како кампањата на Обама беше во состојба да инспирира голем број луѓе од различни социјални и општествени средини и да им ја врати вербата во иднината во време на огромно разочарување и цинизам. „Тоа движење таа атмосфера во земјата беше неверојатна, ако се сеќавате, тоа беше навистина извонредно време. Инспирацијата за мјузиклот дојде од таа комбинација“, вели Хачинс.

Мјузиклот го следи патот на Барак Обама од општински активист до американски претседател. Шоуто има меѓународна екипа и песните и дијалозите се на англиски, иако има и наратор кој ја следи приказната и на германски, за да се осигура дека секој во публиката знае што се случува на сцената.

Хилари и Сара играат, Меккејн пее

Musical Yes, we can - dance!
Дела Мајлс и Џими Вилсон како Мишел и Барак Обама во мјузиклот „надеж“Фотографија: hope-musical.com/ Teddy Billewicz

Приказната се движи од изборната година 2008 кон , кога тој беше амбициозен млад човек кој работеше во Чикаго. Токму таму тој ја сретнал адвокатката Мишел Ла Вон Робинсон, која во претставата ја игра Дела Мајлс. „Се прикажува како тие работеле заедно, како се поврзале и како настанала љубовната врска. Има момент во кој гледате како тие се заљубуваат“

Мјузиклот содржи и портрети на повеќе врвни политичари и личности од изборите, вклучително и актуелната министерка за надворешни работи Хилари Клинтон и кандидатката за потпретседател на САД од Републиканската партија Сара Пејлин, кои имаат танчерски точки. Противкандидатот на Обама, Џон Меккејн има пејачка точка исто како и Џеремаја Рајт, пасторот чија жестока реторика предизвика големи контроверзи за кампањата на Обама. Но се разбира во фокусот е самиот Барак Обама и мјузиклот кулминира со песна инспирирана од слоганот на изборната кампања.

Актерот Џими Вилсон, кој доаѓа од Детроит го игра претседателот на САД: „Чест ми е да го играм него. Ова е шанса во мојата кариера бидејќи големо внимание му се обрнува на сето ова. Добиваме многу коментари преку интернет, од нив и многу негативни, но не го слушаме тоа.“

Полесно е во Европа отколку во САД

HOPE - die Obama-Musical-Story
Џими Вилсон со танц и песна го портретира американскиот претседателФотографија: MOVE GmbH

Навистина, мјузиклот добива критики на интернет. Коментарите на блоговите обвинуваат дека станува збор за пропаганда, идеализирање и многу други работи кои навистина неможат да се кажат на радио. Композиторот Хачинс негира дека напишал мјузикл за светецот Обама, но признава дека падот на поддршката за претседателот во САД треба да се земе предвид. „Сакав на почеток да го направам ова во САД. Но ако го направев тоа, мислам дека мјузиклот ќе беше далеку поконтроверзен таму. Во моментов популарноста на Обама е многу поголема во Европа. Така и успеа ова.“

Тој не очекува престава на Бродвеј во брзо време. Засега се надева дека шоуто ќе привлече солиден број публика низ Германија. Впрочем ова е земјата каде што 200 илјади луѓе излегоа на улица да го чујат говорот на Обама во Берлин во 2008 година. Потоа, вели Хачинс, се надева на можна тура со мјузиклот во Африка, каде што сјајот на претседателот Обама се’ уште не е засенет од ризиците на политиката во Вашингтон.

Автор: Кајл Џејмс/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска