1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама нема да толерира трикови

Ралф Зина5 февруари 2009

Новата американска влада поставува строги услови во фирмите кои во иднина ќе добиваат државна помош и ги ограничи примањата на нивните менаџери на петстотини илјади долари. Што друго предвидува планот на Обама?

https://p.dw.com/p/Gndt
Обама не дава повеќе од половина милион долариФотографија: AP

Врвните менаџери на американските банки, осигурителни друштва и автомобилски концерни ги начулија ушите кога Барак Обама ја изусти следнава цифра: петстотини илјади долари.

Толкава ќе биде платата на менаџерите на компаниите, на кои им се заканува банкрот и кои нема да преживеат без државна помош. Според американската влада, тука спаѓаат компании како „Џенерал моторс“, компанијата за осигурување АИГ, како и банките „Бенк оф Америка“ и „Сити груп“. Нивните шефови досега до Вашингтон летаа со приватни авиони, таму молеа за милајрдите државни пари и згора на се` заработуваа годишно околу дваесет милиони долари, заедно со бонусите. За Обама тоа претставуваше врв на дрскоста на менаџерите. „Тоа е токму онаа срамна неодговорност, одговорна за економската криза во Америка“, критикуваше Обама.

Просечните Американци „воодушевени“

Timothy Deithner Bildergalerie Kabinett
Гејтнер нема да дозволи играње со државните париФотографија: AP

Сеси Коноли, новинарката на „Вашингтон пост“, иронично се насмевна на одлуката на Обама и за државното радио изјави: „Американската јавност ќе биде импресионирана од тоа што шефовите во иднина ќе мора да се задоволат само со половина милион долари“, додавајќи дека просечниот Американец само цинично ќе се насмевне на оваа одлука.

Нови правила на игра

Во секој случај, Обама и неговиот министер за финансии Тимоти Гејтнер поставија јасни услови за државните кредити. Нема веќе т.н. „златни падобрани“ - милионски обесштетувања за отпуштените менаџери. Барем не во случаите кога претпријатијата, со кои раководат, се спасиле од банкрот со помош на државни пари. А кога некој менаџер на фирма спасена со државни субвенции ќе добие од неа т.н. приоритетни акции, не смее веднаш да ги претвори во пари, туку ќе мора да почека - се` додека државните кредити за фирмите не се исплатат, заедно со каматите, појасни Обама.

Кризата не смее да премине во катастрофа

Die Entlassungen tun ihm sehr leid, Rick Wagoner von General Motors
Штета - Рик Вагонер ќе мора да се откаже од милионитеФотографија: AP

Мерките што ги презема претседателот се фер кон граѓаните кои со даночните обврски го полнат буџетот, но не само кон нив, смета Мелани Слон, раководителка на Институтот за одговорност и етика во Вашингтон. За државното американско радио НПР, таа изјави: „Секое претпријатие што ќе одбие да ги намали примањата на менаџерите, се соочува со ризикот да не добие државна помош.“

Обама се` уште не знае што би се случило ако, на пример, шефот на „Џенерал моторс“ не сака да се откаже од досегашната плата од четиринаесет милиони долари годишно. Она што сега му задава најголеми грижи е стравот дека републиканците во Сенатот би можеле да го блокираат конјуктурниот пакет што тој го скрои. Затоа, Обама порача: „Ако веднаш не преземеме нешто, тогаш од сериозна криза може да преминеме во вистинска катастрофа“, стравува американскиот претседател.