1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама сака подобри односи со исламскиот свет

4 јуни 2009

Американскиот претседател, Барак Обама, го почна патувањето на Блискиот Исток и Европа. Со големо нетрпение се очекува говорот во Каиро, во кој ќе му се обрати на муслиманскиот свет. Обама потоа пристигнува во Германија.

https://p.dw.com/p/I2sl
Целта на патувањето на Обама е да ги обнови односите со исламскиот свет

Американскиот претседател Барак Обама допатува од Ријад во Каиро, каде денеска (04.06.2009) ќе одржи говор на универзитетот во египетскиот главен град. Обама во обраќањето, како што се очекува, треба да најави нова ера во односите на САД со исламскиот свет. Во врска со сегашниот момент во тие односи, портпаролот на Белата куќа Роберт Џибс оцени: „Мислам дека претседателот би рекол оти е потребно суштинско подобрување“.

Од преземањето на функцијата пред четири месеци, Обама секогаш повторува дека сака да ги подобри односите меѓу САД и муслиманите.

„Доколку го погледнеме регионот во целост и ако на арапскиот и муслиманскиот свет му порачаме дека сме подготвени за ново партнерство, засновано на меѓусебна почит и интерес, мислам дека можеме да постигнеме значаен напредок“, вели Обама.

Обама во говорот во Каиро отворено ќе зборува и за блискоисточниот мировен процес, кој е во ќорсокак, потоа за војната во Ирак или за насилниот екстремизам во име на исламот, рече еден од советниците на американскиот претседател.

Американскиот претседател, вчера во Ријад, разговараше со саудискиот крал Абдула. Во фокусот беа ситуацијата во Пакистан и во Авганистан. Веста дека американскиот претседател Барак Обама ќе ја посети Саудиска Арабија изненади многумина. Првично беше планирано Обама да го почне патувањето на Блискиот Исток во Египет. Обама вака ја аргументираше неговата посета на Ријад: „За нас Саудиска Арабија е стратешки значаен партнер за снабдувањето со енергија. Имаме и трговски и стратешки врски“.

Внимателно во Германија

Од Каиро, американскиот претседател ќе се упати кон Дрезден, каде в петок ќе биде пречекан од канцеларката Ангела Меркел. Но, исто како и при претходната посета на Германија, на почетокот на април, за време на самитот на НАТО, претседателот избегнува да се сретне со канцеларката Меркел во нејзиниот кабинет во Берлин. Со оглед на парламентарните избори во Германија, експертот по европски прашања, Стивен Флениген, објаснува: „Барак Обама е мошне внимателен како постапува во Германија, бидејќи не сака да го обвинат дека и` помогнал на Меркел во предизборната кампања“.

60 Jahre danach - KZ Buchenwald
16.04.1945, на фотографијта се претставени затворениците во Бухенвалд, неколку дена откако логорот беше ослободен од американските трупиФотографија: AP

Белата куќа не испушти да ја нагласи и личната нота на посетата на Обама на Германија. Имено, Чарли Пеин, чичко на претседателот, бил дел од американските трупи, кои во април 1945 година го ослободиле концентрациониот логор Бухенвалд. В петок вечер, Обама ќе ги посети и американските војници во Германија, а посетата ќе ја заврши в сабота, во Нормандија. Таму ќе се одбележи 65 годишнината од денот Д, односно денот кога сојузничките сили се истоварија во Европа.

Автор: Ана Енгелке / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска