1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ќе бара одговорност

30 декември 2009

Американскиот претседател Барак Обама по неуспешниот атентат врз авионот во Детроит ги обвини американските безбедносни служби за катастрофални грешки. Напаѓачот не смеел да се најде на ниеден американски авион.

https://p.dw.com/p/LGwH
Барак Обама ги критикува тајните службиФотографија: AP

Американскиот претседател Барак Обама смета дека постојат потенцијални катастрофални недостатоци во системот за безбедност.

„Се случија грешки во безбедносниот систем, што сметам дека е целосно неприфатливо“, изјави Обама.

Тие овозможија 23 годишниот Нигерианец Фарук Абдулмуталаб во петокот да се најде во американски патнички авион на релација Амстердам - Детроит, со високоексплозивна материја со себе. Се чини дека нашите тајни служби многу порано располагале со предупредување, но не реагирале ефикасно, изјави Обама.

Таткото на уапсениот атентатор од Нигерија, пред инцидентот, за радикализацијата на својот син ја предупредил и ЦИА. Американската тајна служба подготвила извештај за разговорот со таткото на Нигериецот, но не го проследила натаму до различните американски тајни служби, јавува СиЕнЕн.

Абдулмуталаб бил ставен на американска листа од повеќе од половина милион сомнителни за терор.

Umar Farouk Abdulmutallab
Фарук Абдулмуталаб се најде во американски патнички авион на релација Амстердам - Детроит, со високоексплозивна материја со себеФотографија: AP

Републиканскиот пратеник Петер Кинг побара атентаторот Абдулмуталаб да не биде изведен пред цивилен, туку пред воен суд. Американските власти најавија почеток на процесот во сојузната држава Мичиген на 8 јануари.

Атентатот го организирале и поранешни затвореници во Гвантанамо?

Истовремено се множат доказите дека атентатот бил планиран во Јемен. Двајца од претпоставуваните четворица организатори веројатно биле поранешни затвореници во американскиот логор Гвантанамо, известува ЕјБиСи, повикувајќи се на владини извори. Двајцата од нив, по потекло од Саудиска Арабија, во ноември 2007 година биле испорачани во нивната земја. Двајцата подоцна презеле водечка улога во терористичката мрежа на Ал Каеда во Јемен.

Јеменските власти, пак, тврдат дека немале никакви информации за терористичките контакти на атентаторот Нигериец.

Инаку, претпоставуваната вмешаност на затвореници од Гвантанамо, во САД предизвикува зголемен отпор кон плановите на американскиот претседател Барак Обама за брзо затворање на логорот на Куба. Противењето доаѓа и од таборот на Републиканската, но и од Демократската партија. Обама планира поголем дел од затворениците кои потекнуваат од Јемен да ги врати во татковината. Јеменската терористичка мрежа Ал Каеда претходно презеде одговорност за планираниот напад врз американскиот патнички авион и се закани и со нови атентати.

Автор: ЖА/БГ/афп/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска