1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Обвинение против 11 лица за случајот „Двојник“

ДТЗ
14 април 2021

Се истражува дали и други лица од МВР се вмешани во случајот со издавање на 214 нелегални документи

https://p.dw.com/p/3s1u3
Alter mazedonischer Pass
Фотографија: DW/T. Schultz

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против 11 лица за злоупотребите со издавање на пасоши со лажен идентитет. Десетмина се обвинети за злоупотреба на службена положба и овластување, а едно лице за поттикнување. Станува збор за службени лица вработени на различни позиции во МВР во  Одделението за управни работи во Скопје, кои биле поттикнати од обвинетиот Раиф Мифтари, кој е недостапен за полицијата. Според Обвинителството, тие во период од  јуни 2017 година до крајот на 2020 година, правеле лажни исправи со намера да се употребат како вистински. Притоа употребиле податоци за идентитети на лица, кои до сега не побарале и не се стекнале со македонска биометриска патна исправа, а се иселени од земјата или од раѓање живеат во странство, кои немаат остварено влез во земјата, но поседуваат македонско државјанство. Потоа обвинетите ги користеле податоците на овие лица за изработка на патни исправи, со вметнување на фотографии од баратели на патни исправи кои поради криминални активности се бараат со меѓународни потерници. Целта била нелегалните македонски пасоши да ги искористат при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет.

-повеќе на темата: Пасоши за мафијаши: Осомничените купувале скапи возила и недвижности

Со тоа овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со македонски патни исправи под туѓ идентитет. Пасошите биле издавани заобиколувајќи ја постапката за издавање на патни исправи, во најголем број случаи без закажан термин за фотографирање преку систем „Симболико“, без проверка на идентитетот, без почитување на предвидените рокови за изработка и издавање на патни исправи.

-повеќе на темата: МВР со детали: Како се издавале македонски пасоши со лажен идентитет

Јавниот обвинител за седуммина обвинети, меѓу кои и Мифтари, којшто е во бегство, побара продолжување на претходно определената мерка притвор. Едно лице од претходно е во притвор во постапка за друго кривично дело. За тројца, пак, на сила се определени мерки на претпазливост. Обвинителството продолжува да истражува дали и други лица од МВР се вмешани во издавањето на нелегалните патни исправи, за што се издадени повеќе наредби.

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју на телевизија Канал 5 најави дека истрагата „Двојник“ ќе биде проширена. „Оваа истрага е и во други земји, бидејќи работевме заедно со американските власти, работевме заедно со Интерпол Лион и Интерпол Скопје. Ќе дојдеме и до проширување сигурно, според оние податоци кои ги имаме. Проширување ќе има, без разлика дали се структури и внатре во МВР, без разлика и колку високо во структурата на МВР ќе се дојде. Ако погледнете во регионот ќе видете ќе се случувало такво нешто во Црна Гора, во Србија, во Хрватска“, вели Спасовски.