1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обиди за зближување

Свето Тоевски8 јануари 2007

Дијалогот на културите во Македонија може да се збогати

https://p.dw.com/p/Ada8
Тетово
ТетовоФотографија: AP

Во Македонија сеуште не постои задоволителна интеркултурна комуникација, дијалог меѓу различните култури на различните етникуми. Тие и натаму живеат издвоено, во своите паралелни светови. Ова се дел од клучните констатации со кои Антоанела Петковска, професор по социологија на културата на скопскиот универзитет, ја дава својата дијагноза за актуелниот миг на мултикултурноста во земјата. Таа вели: “На сите нивоа постои проблем на ниво на комуникации на т.н. поткултури, особено кога се во прашање етничките поткултури. Постои малку познавање, малку комуникација и малку вистинска размена на вредности. Таа тече повеќе паралелно, издвоено една од друга, како на ниво на јазик, така и на сите други елементи.“

Сепак, реалноста, сама по себе, содржи потенцијал и предуслови за манифестирање на сето богатство на различните култури во Македонија и за нивните заемни влијанија и проткајувања, потенцира Петковска: “И некои умни и навистина со добра намера луѓе од меѓународната заедница сметаат дека тоа богатство на култури е само предност на една земја, а ние тоа го претворивме во хендикеп. Значи, се разделивме таму каде што имавме најмногу можности да се сплотиме и да направиме еден многу пријатен свет за живеење, бидејќи во крајна линија Македонија и не е толку голема за да има такви проблеми. Напротив, таа ги има сите предуслови за да оди натаму и да создава таква интеркултурна комуникација. “

Во тетовското етнички мешано село, Шемшево, каде што во 2001 година имаше силни етнички тензии и судири, сега веќе со месеци се прават напори за градење поинаква клима за уривање на јазичните бариери и за меѓусебно доближување, пред се кај младите. Најохрабрувачки е фактот што кај 90% од родителите Македонци од соседното село Жилче, самите изразиле желба – нивните деца да го учат албанскиот јазик. Албанчињата во Шемшево, иако од нижите класови веќе го учат македонскиот јазик како задолжителен предмет, тие посетуваат и дополнителни курсеви и нивните невешти изговарања на зборовите од “другиот, а не “туѓиот“ јазик, за нив се можеби сеуште мали чекори на доближување едни кон други, но доволно значајни и големи за пошироката општествена заедница. Училишните координатори на проектот што се реализира во координација со “Нансен Дијалог“ центарот и со материјална поддршка на норвешката влада, за причините зошто ги посетуваат курсевите, велат:

“Бидејќи сакав да научам и други јазици, почнав да учам албански јазик.“

“За полесно да комуницираме. “

“Ова е мултиетничка средина и сакаме да се разбираме и со граѓаните од другата националност. “

“Се дружиме сега откако се отворија курсевите. По курсевите сите одиме заедно и затоа. “

Абдула Ќезими, директор на основното училиште во Шемшево тврди: “Со курсевите се стакнува пријателство меѓу учениците, тие се дружат, преку зборување учениците Македонци се дружат со Албанците“.

Глигор Чаориков од училиштето во Жилче, укажува: “Видовме дека децата имаат потреба од изучување на албанскиот јазик, токму заради тоа да можат подобро да комуницираат и да се разбираат меѓу себе и ние таа нивна желба ја исполнивме. Децата почнаа да се дружат многу повеќе, комуницираат, создадоа добри пријателства и на пат сме да постигнеме уште поголеми резултати бидејќи планираме проширување на курсевите, барем во уште неколку наредни години.“

Веби Беџети, шеф на катедрата по албански јазик на Штуловиот универзитет во Тетово додава: “Јазикот е само еден белег, еден сегмент на цивилизацијата на еден народ, но е најглавниот. Ако почнеме со волјата на родителите и учениците за изучување на албанскиот јазик, тоа е добар старт и за други сегменти за поврзување и зближување на културите. “