1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Обликување на светот по кризата“

Михаел Книге28 јануари 2009

Денеска почнува Светскиот економски форум во Давос. Среде најголемата економска криза во која се наоѓа светската економија, годинава ќе се соберат преку 40 шефови на држави и влади, како и 1.400 стопански менаџери.

https://p.dw.com/p/GhLG
Подиумот е подготвен: една од салите за Форумот во ДавосФотографија: AP

Светскиот економски форум годинава е соочен со комплицирана задача. Не само поради прокламираната цел за изнаоѓање решенија за излез од големата економска криза, туку и поради заштитата на имиџот на манифестацијата. Форумот во Давос имено не е познат само по искрените и неформални разговори меѓу политичките и економските лидери на светот, туку и по ексклузивните забави. А да се организираат луди и скапи забави во време на криза и штедење, некако не оди. Затоа годинава и во Давос ќе се штеди, известуваат швајцарските медиуми. Така на забавите место кавијар и други луксузни деликатеси, ќе има само шунка и сирење. Наместо најскапото шампањско на светот, ќе има обично, а на посекојдневните настани дури и тоа ќе биде заменето со добро обично вино.

Се бара сериозност

Значи паролата гласи: наместо гламур, сериозност и амбициозна работа. Од светската економска и политичка елита овој пат се очекуваат издржани решенија за надминување на кризата.

Switzerland World Economic Forum Davos Tony Blair
Меѓу учесниците минатата година беше и поранешниот британски премиер Тони БлерФотографија: AP

Очекувањата на експертите се поделени. Алексис Пасадакис од „Атак“, меѓународната организација на противниците на глобализацијата, оценува: „Ако погледнеме како се развива економската криза, тогаш станува јасно дека оние, кои се среќаваат во Давос се соодговорни за кризата. Тие таму ќе се обидат само да најдат решенија како да ги префрлат трошоците за надминување на светската економска криза врз оние општествени слоеви, кои страдаа и во годините на економски подем.“

Ханс Вернер Зин, раководителот на Ифо-Институтот со седиште во Минхен, има поинаков став: „Она што се очекува, се решенија за надминување на финансиската криза. Составот на учесниците во Давос е поинаков од оној на самитот на Групата Г-20 или на Г-8. Таму има поширок круг на лидери, тоа е релативно отворен собир и сметам дека е корисно да се чуе какви одговори ќе дадат неговите учесници.“

Голем број симпозиуми

Она што е сигурно, тоа е фактот дека на Светскиот економски форум во Давос и годинава ќе има што да се чуе. Тоа го ветуваат веќе вкупно 57-те подиумски дискусии, чии теми се протегаат од промените на климата, преку новите бизнис модели за работење на фирмите, до користењето обновливи енергии. Вниманието особено го привлекуваат од напред два панели: „Што се случи со стопанството во 2008?“ и „Вредностите на пазарното стопанство“. Од одговорите на овие прашања ќе зависи во голема мера дали средбата на највисоко ниво ќе испрати сериозни сигнали за надминување на светската финансиска и економска криза.

Klaus Schwab, Gründer des Weltwirtschaftsforums in Davos
Првичната идеја беше негова: основачот на Форумот, Клаус ШвабФотографија: AP