1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обновата на атомскиот арсенал е "автогол" на Тони Блер!

15 март 2007

Британскиот премиер Тони Блер навистина го доби она што го посакуваше: во Долниот дом обезбеди мнозинство гласови на пратениците кои го поддржаа неговиот предлог за модернизирање на нуклеарниот арсенал на земјата. Но, ваквиот “успех“ во принцип содржи многу повеќе елементи на несупех. Какви – открива Ралф Борхард во следниот коментар на ДВ.

https://p.dw.com/p/AdsZ
Тони Блер зборува во Парламентот во Лондон
Тони Блер зборува во Парламентот во ЛондонФотографија: AP

Во позитивниот дел на салдото на Тони Блер може да се пресмета фактот што неговата влада не оди толку далеку во нуклеарното лудило, колку што тоа го прави соседна Франција. Британците во наредниот период имаат намера да држат на готовс 160 нуклеарни боеви глави. Французите се решија за двојно повеќе – цели 350! А и оваа застрашувачка бројка е многу помала во споредба со арсеналот на Русите и Американците.

Меѓутоа, многу за оправдување не е ни Велика Британија, зашто спомнатите 160 боеви глави имаат силина од 1.280 атомски бомби, какви што беа фрлени врз Хирошима на крајот на Втората светска војна.

Има ли тоа смисла? Дали тоа го налагаат реалните услови? Јасно и гласно – не! И тоа го знаат не само 161 пратеник на Долниот дом на британскиот парламент, туку и многумина од останатите 409 кои гласаа за предлогот на премиерот. Меѓу нив има и голем број од Лабуристичката партија на Блер, кои гласаа “за“ само за да не го бламираат уште повеќе премиерот од редовите на сопствената партија. А има и такви кои се надеваат дека со ваквото гласање ќе му се додворат на идниот шеф на партијата Гордон Браун, кој е исто заговорник на нуекларното оружје и од летоска ќе ги преземе функциите од Блер.

Најважниот аргумент против британското нуклеарно оружје гласи: како сакаат Британците да ги уверат државите како Иран дека треба да се откажат од нешто, што самите го фалат како неопходно за сопствената безбедност. На најголемиот дел на луѓето во светот ваквата логика мора да им изгледа многу лажна: Западот се однесува како свештениците, кои на овчичките им проповедаат да постат со вода, а самите пијат вино со буриња.

Договорот за неширење на атомското оружје има една едноставна идеја во својата подлога, имено: вие земјите кои не поседувате атомско оружје ќе се откажете од настојувањето да го развиете, а ние, земјите кои го поседуваме, постепено и што е многу битно веродостојно ќе се разоружуваме. Велика Британија со најновата одлука го прави токму спротивното и тоа претставува фатален сигнал. Зошто Обединетото Кралство не би упатило сигнал на редуцирање на атомскиот арсенал или барем да го поврзе со тоа колкави успеси ќе бидат постигнати во процесот на неширење на нуклеарното оружје?

Овој потег на Тони Блер му задава тежок удар и на внатрешно политички план. Тој по втор пат по ирачката војна мора да се потпре врз гласовите на опозиционите конзервативци за да протурка стратешки важна одлука. Неговиот авторитет е тешко нарушен, а ни оној на неговиот наследник Гордон Браун не е поголем. Згора на тоа Браун е Шкотланѓанец. Најголемиот дел од шкотските пратеници гласаа во парламентот против обновата на нуклеарниот арсенал, што е одраз на скепсата на населението во Шкотска. На претстојните регионални избори во Шкотска лабуристите на Блер би можеле да добијат тешка шлаканица, а победата да ја однесе Националната партија, која е против атомските ракети, но се залага и за отцепување од Обединетото Кралство. И од оваа гледна точка обновата на атомскиот арсенал повеќе му штети на Кралството, како и на денешнот свет, отколку што придонесува за неговата безбедност.