1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140710 Indien Pakistan

15 јули 2010

Денеска се среќаваат министрите за надворешни работи на Индија и Пакистан. Во Исламабад тие треба да договорат мерки за градење доверба, кои ќе ги отворат вратите за продолжување на замрзнатите мировни преговори.

https://p.dw.com/p/OJ63
Шефот на индиската дипломатија С.М.КришнаФотографија: AP

Индиско-пакистанскиот дијалог со години страда од тоа што двете страни имаат различни замисли за приоритетите во разговорите. Додека за пакистанската страна клучен проблем во односите е прашањето за Кашмир, кој е поделен меѓу двете држави уште од нивното создавање, Индија сака пред се’ да се разговара за проблемот на тероризмот и вмешаноста на пакистанската држава во активностите на милитантните исламски групи во Индија.

Атентатите од Мумбаи не се заборавени

По спектакуларните терористички напади во индиската метропола Мумбаи, владата во Њу Делхи го обвини соседен Пакистан дека е вмешан во нив. Индиската влада го фокусира вниманието врз исламската милитантна група Лашкар-е-Таиба и нејзиниот лидер Хафиз Саид, тврдејќи дека тие стојат зад крвавите напади. А бидејќи оваа организација има стари добри врски со пакистанските тајни служби, индиската влада ја обвинува пакистанската држава дека е вмешана во планирањето на серијата атентати во Мумбаи. Во весникот „Индиан експрес“ државниот секретар во индиското министерство за внатрешни работи Г.К. Пилаи и директно ја обвинува тајната служба на Пакистан ИСИ дека ги контролирала нападите. Оваа изјава се потпира врз извештаите од сослушувањето на американско-пакистанскиот граѓанин Дејвид Хедли во САД, кој во повеќе наврати патувал од Пакистан во Индија за да помогне во подготовките на атентатите во Мумбаи. На оваа тема секако ќе се разговара на денешната средба, порача инидискиот министер за надворешни работи С.М. Кришна.

Pakistan Außenminister Shah Mehmood Qureshi
Пакистанскиот министер за надворешни работи Шех Мехмуд КурешиФотографија: Abdul Sabooh

Дијалогот мора да продолжи

Наспроти големите проблеми, во редовите на индиската влада сепак преовладува уверувањето дека е погрешно да се прекине дијалогот со соседот. Експертот за билатерални односи меѓи Индија и Пакистан, Д. Суба Чандран, оценува: „Пакистан никогаш нема да ги екстрадира овие луѓе, тоа е политички проблем. Индија го предочи својот став и за тоа доби голема меѓународна поддршка, но повеќе од тоа во моментов не може да стори. Фиксирањето на тој проблем ни стана оптоварување. Индија мора покрај се’ да разговара со соседот!“

Добра подлога

Дијалогот меѓу двете соседни, но непријателски настроени нации, знаеше и да биде плоден. Така во 1998 година, по извршувањето на нуклеарните тестови во двете држави, тие почнаа да преговараат за мерки за создавање доверба. По наизменичните напредоци и назадувања на овој план, во 2004 година тие се договорија да преговараат за комплекс теми, во кои спаѓаат и Кашмир и тероризмот и меѓусебната трговија и олеснувањата за патување. За експертот Суба Чандран ова е и понатаму најдобриот пристап до сега: „Стариот дијалог е сеопфатен. Тоа што беше договорено во 1998 година нуди одлична подлога за идните преговори. Би бил многу среќен кога двете држави би се договориле да се вратат на таа основа, бидејќи во неа се содржани сите важни прашања.“

Hafiz Mohammed Sayeed Gründer und Führer der extremistischen Moslemorganisation Lashkar-e-Toiba in Pakistan
Водачот на милитантната група Лашкар-е-Тоиба, Хафиз Мохамед СајидФотографија: dpa

Мали чекори

Иако никој не очекува некаков голем пробив од денешните преговори на министрите за надворешни работи во Исламабад, сепак оптимистите сметаат оти би било можно преговарачите да се договорат за подобрување на железничките и автобуските врски меѓу двете земји, како и за послободна трговија меѓу двата дела на поделениот Кашмир.

Автор: Томас Бертлајн/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска