1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обука за полесно доаѓање до работно место

20 февруари 2012

Во некои од Центрите за вработување во Македонија со проект на УСАИД невработените се стекнуваат со нови вештини за вработување. Обуката користи и за подобро адаптирање во новата работна средина.

https://p.dw.com/p/145ph
Фотографија: Fotolia/shock

Во Центрите за вработување во Македонија веќе петнаесетина години делуваат Работни клубови. Во нив младите кои се невработени се стекнуваат со нови знаења од странските јазици, компјутери и други области. Како најново со проект на УСАИД - ЈЕС Младинска Мрежа, а во соработка со Агенцијата за вработување на Република Македонија, во три пилот-Работни клубови во Македонија, во Струмица, Тетово и Битола кон крајот на минатата и почетокот на годинава некои од младите невработени кадри се стекнаа со неопходните вештини за вработување. Овие Работни клубови добија и нов мебел, книги и друга опрема.

Главната цел на проектот ја појаснува Јешим Сефуловска, директорка на Центарот за вработување во Битола, каде деновиве се реализира првата обука:

„Главна цел на овој проект е да ги зајакне суштинските врски помеѓу потребите на пазарот на трудот и вештините здобиени низ образовниот систем како и да го подобри квалитетот на понудата на идните работници во Република Македонија‘‘.

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien
Битола, еден од градовите каде се врши обука за вработувањеФотографија: Petar Stojanovski

24 годишната Христина Чолаковска, магистер по економски менаџмент, е една од 19 –те млади невработени битолчани кои ја поминаа оваа обука. „Имавме можност да бидеме обучени односно тренирани од страна на извонредни предавачи коишто ги пренесоа нивните знаења. Ни беа презентирани осум модели каде што научивме различни техники и алатки за напредок и за професионален и личен развој. За поставување на мерливи цели за препознавање на личните вредности и вредностите на компанијата за којашто сакаме да работиме, понатаму финансиски вештини и темата за лидерство. Според мене, една од најефикасните алатки коишто за нас како невработени лица во моментов ќе ни послужат се алатките за подобрување на вештините за барање работа.Тука имавме сценарија каде што изготвувавме подготвеност за интервју‘‘.

Златко Велевски, дипломиран економист, полн е со импресии од обуката и потенцира:

„На еден одличен интерактивен начин преку најразлични вежби, најразлични содржини, успеавме да совладаме многу вештини коишто подоцна, сигурен сум, не само мене, туку и на останатите учесници на оваа обука ќе им бидат од интерес при наоѓањето на работа, но и потоа при работењето“.

Со обука во Работниот клуб побрзо до практиканство во фирма

Велевски е еден од неколкумината невработени млади кои по успешното завршување на обуката со помош на Агенцијата за вработување успеа да биде практикант, што е чекор поблиску за добивање работно место. Велевски е веќе практикант во една сметководствена канцеларија во Битола.

„Вештините и искуствата коишто тука ги стекнавме во голема мера ни се од помош при оваа наша нова задача како практиканти. Посебно модулите коишто се однесуваат на комуникациски вештини. Потоа соодветно однесување на работното место, за лидерство и слично, во голема мера ни овозможија во новата средина брзо да се адаптираме, да создадеме една пријатна атмосфера таму и да бидеме добро прифатени од веќе вработените‘‘.

Geschäftsleute mit Fragezeichen
Фотографија: Fotolia/Yuri Arcurs

Обука според европски и светски стандарди

Агенцијата за вработување на Република Македонија како надлежна институција преку Центрите за вработување во земјава преку оваа програма за вработување на УСАИД-ЈЕС Младинската мрежа е во чекор со европските и светски стандарди за помош на младите во Македонија за полесно да дојдат до вработување. Директорката на Центарот за вработување од Битола, Јешим Сефуловска, ни појаснува:

„Значи обуката треба да придонесе невработените лица и лицата кои активно бараат работа да се здобијат со вештини релевантни за потребите на работодавачите. Со тоа ќе се овозможи овие лица полесно, побрзо и поуспешно да се интегрираат на пазарот на трудот‘‘.

Инаку, овој проект деновиве започна да се реализира уште во неколку македонски градови, во Гостивар, Прилеп и Штип.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Ж. Ацеска