1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огромна задача за германската политика

Кристоф Штрак/превод: Ж.А.23 јули 2016

По убиствата во Минхен кај граѓаните расте несигурноста. Политиката e пред предизвик да го зачува единството во земјата, смета Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/1JUlZ
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Убиството на девет луѓе ја потресе Германија, предизвикувајќи шокираност, бес и отворајќи бројни прашања. Минхен тукушто се подготвуваше за летен викенд - пивски градини, излет на Исар и Алпите, кога во идилата влета атентат. А утрото потоа градот и земјата се разбудија од еден кошмар. Дали беше терор? Факт е: еден тукушто полнолетен Германец со иранско потекло згасна неколку животи и рани повеќе луѓе, и тоа не само физички, кои се борат за живот и за кои се надеваме дека ќе преживеат. Тој повреди уште бројни луѓе, кои иако беа на сигурно, имаат психички последици.

Теророт стигнува се‘ поблиску, така гласи политичкото мото од минатава недела. Прво се случи грозното крвопролевање со најмалку 84 мртви во јужнофранцускиот град Ница, потоа еден млад Авганистанец изврши атентат во регионален воз кај Вирцбург, во кој тешко беа повредени неколкумина кинески туристи.

Тага, бес, гордост

Во земјата одамна се вгнездува несигурност. По настанот во Минхен циркулираа бројни шпекулации: дали исламистичкиот терор удира во срцето на една германска метропола? Или, токму пет години по националистички мотивираниот масакр на норвешкиот остров Утоја, станува збор за дело со деснорадикална заднина? А притоа, извршителот е 18-годишно момче, ученик кој се‘уште живеел кај своите родители. Логиката, што во меѓувреме и се потврди, повеќе упатуваше кон масакрите извршени во училишта, кои изминатите 15 години длабоко ја погодија Германија. Сега се поставува истото прашање како и по инцидентот во Виненден во 2009 година: од каде му е оружјето на еден млад човек?

alt - bitte stattdessen 43309813 verwenden
Фотографија: DW

Расположението во Минхен и во Германија непосредно по крвавиот чин носи печат на тага, но и бес, па и на делумна гордост. Тага и гнев поради жртвите и бесмисленоста на делото. Гордост поради солидарноста и спремноста за помош на Минхенчани, кои ги отворија вратите на своите домови за да ги примат граѓаните во неволја. И задоволство и гордост поради полицијата во баварската престолнина, која според она што е познато, дејствуваше ангажирано и решително и комуницираше јасно и отворено. Тоа беше одговорот на нервозата и медиумскиот енормен притисок, но и на паниката на интернет. Од различни делови на земјата стигнаа 2300 специјалци, вклучувајќи и од соседна Австрија, а никој од нив на почетокот на акцијата не знаеше какво значење ќе има задачата за него лично.

Потресеност и одлучност?

Сепак, по вакво толку бесмислено дело мачи помислата: колку може да издржи ова германско општество? Колкава нова тензија се крие во секој нов напад, кој, без разлика дали е дело на некој убиец-поединец или терористички чин на организирана мрежа, ја потресува Германија, едно општество кое тежнее кон секакво осигурување и тешко се справува со несигурноста. Тоа можеше да го почувствува секој кој ноќта по извршеното дело ги читаше коментарите на социјалните медиуми. Некои од коментарите се неописливи, тие се навреда и за жртвите.

Уште на полноќ пред камерите во живо за настаните во Минхен се јави и американскиот претседател Барак Обама, исто како и многумина други странски политичари. Пораките пренесуваа сочувство и понуда за поддршка. Германската канцеларка Ангела Меркел се јави дури напладне следниот ден (23.07).

Политиката мора сериозно да ја сфати несигурноста и јазот во општеството, посериозно отколку досега. Земјата се наоѓа пред решавачка проба, во прашање е единството на општеството, одлучноста и разумноста на институциите, лидерската сила на политиката. Но, потребна е и искреност во поглед на растечките проблеми. Демократијата се храни од функционирачко цивилно општество, а ова општество се базира врз единственост, но и врз исправни судири на мислења, дебати, издржување на тензиите. Со Минхен се покажа размерот на задачите не само за одржување на единството во политичкиот табор, туку во земјата. Оваа задача допрва почнува.