1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Огромни штети од измами со корона-тестови во Германија

Арнд Хенце / Тилко Глезген (ВДР) | Маркус Грил (НДР)
24 мај 2022

Големи измами со корона-тестови во Германија - полицијата, според информации на ВДР, НДР и Зиддојче цајтунг, смета дека е направена штета од над една милијарда евра.

https://p.dw.com/p/4Bmbm
Coronavirus I Symbolbild Omikron
Фотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

Франц-Јозеф Вернце е еден од најбогатите Германци. Шефот на ЕТЛ, најголемата канцеларија која се занимава со даночни прашања, е познат пред сѐ како спонзор на фудбалскиот клуб Викторија Келн во третата лига. Но, Вернце, очигледно, собира фирми како што другите собираат фудбалски сликички. Според актуелниот список во една деловна база на податоци, тој има удел во 712 компании, а во голем дел од нив е и целосно сопственик. Една од нив од минатата година управува со центар за брзи тестови кој се наоѓа кај стадионот на Викторија Келн.

Овој центар паѓа в очи поради неколку работи. Од една страна, речиси секојдневно на покраинското Министерство за здравство во Северна Рајна-Вестфалија му пријавува голем број направени брзи тестови, а, од друга страна, во центарот речиси и нема откриени заразени лица. Од средината на мај, на пример, на местата каде што се вршат тестирања во покраината Северна Рајна-Вестфалија, секојдневно во просек околу 5% од корона-тестовите имаа позитивен резултат. Во центарот на Вернце, пак, тој процент е само околу 0,2 или помалку. На прашањето како ја објаснуваат ваквата ниска позитивна стапка, со оглед на сѐ уште високиот број заразени со коронавирус, раководителот на центарот одговара: „На прашањето не може да се даде одговор со нашите медицински сознанија.“

Чудни бројки

Радио телевизиите ВДР и НДР, како и весникот Зиддојче цајтунг, го проверија центарот за тестирање и повеќе денови ги броеја луѓето кои доаѓаат на тестирање од отворање до затворање на центарот. Во петокот, на 13 мај, беа избројани 52 пешаци и 101 автомобил кои дојдоа на тестирање. Центарот, пак, на овој ден на Министерството за здравство му пријавило 2670 направени тестови. Во понеделникот, на 16 мај, дојдоа 55 пешаци и 123 автомобили, а тој ден на Министерството му се пријавени 2186 тестови.

На прашањето како ја објаснуваат оваа огромна разлика, нема одговор од раководителот на центарот. Наместо тоа, тој пишува дека за бројките во тие два дена „разумно и точно да се истражат“ е потребен „подолг временски период“. На денот откако ВДР, НДР и Зиддојче цајтунг испратија прашања во центарот за тестирање, тој на Министерството му пријавил само 230 тестови - најмал број во годината досега.

Мецената Вернце вели дека во моментов е на одмор и затоа не може да даде одговор на прашањата. Негов адвокат подоцна соопшти дека Вернце „одамна се има повлечено од оперативниот бизнис“. „Меѓутоа, доколку обвинувањата што ги наведувате се потврдат, мојот клиент нема да се двоуми да ги преземе неопходните правни последици, особено оние кои произлегуваат од договорот за работа“.

Coronavirus Hamburg | Schnelltest und PCR-Test
За секој брз тест, на фирмите за тестирање државата во моментов им враќа 11,50 евраФотографија: Christian Charisius/dpa/picture alliance

И покрај сомнежите - нема последици

Случајот фрла светло и врз недостатокот на контроли од страна на властите. Само во април, овој центар за тестирање секојдневно пријавувал во просек по 2320 тестирања на граѓани. Во мај, кога бројот на тестови на национално ниво веќе опаѓа, бидејќи на многу места веќе не се потребни негативни тестови, тест центарот кај Викторија Келн, наводно, дури и го зголемил бројот на брзи тестови и секој ден до Министерството пријавувал по околу 2680 тестови. Ваквата дискрепанција од страна на раководителот се објаснува со „приливот на лица за тестирање [...] поради настаните во спортскиот парк Хеенберг во младинскиот, сениорскиот и професионалниот сектор“.

За секој брз тест, на фирмите за тестирање државата во моментов им враќа 11,50 евра; до јануари се враќаа 12,50 евра. Само оваа година, тест центарот на Вернце пријавил повеќе од 234.000 тестови на граѓаните, што значи остварен приход од околу 2,8 милиони евра. На здравствените власти на град Келн ова место за тестирање им изгледало чудно со месеци. Надлежната служба наведува дека „впечатливата позитивна стапка и постојано високиот број на тестови беа откриени уште на почетокот на октомври 2021 година“. Поради „абнормалности“, центарот за тестирање бил „повторно“ пријавен кај Здружението на лекари за законско здравствено осигурување Северна Рајна (КВ) на 26 јануари 2022 година. На 23.04.2022 година е направен втор извештај. За понатамошната постапка се грижи Здружението на лекари од законско здравствено осигурување“, пишуваат од Службата за здравство на град Келн.

Но, и покрај пријавите за сомнежи, центарот за тестирање во текот на изминатите месеци на Министерството за здравство продолжил да му пријавува секојдневно меѓу 2.000 и 4.000 тестови на граѓани. Дали КВ има преземено нешто во овој случај? На барање на ВДР, НДР и Зиддојче цајтунг, Здружението на лекари за законско здравствено осигурување во Северна Рајна само наведува: „Не даваме информации за поединечни места за тестирање“.

Deutschland Coronavirus - Flughafen Frankfurt
До крајот на април на национално ниво се потрошени околу 10,3 милијарди евра за тестови на граѓанитеФотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

„Грешка во системот“

Инспекторите кои се занимаваат со измамите на тест-центрите одамна знаат дека контролата не функционира. Здруженијата на лекари и здравствените власти ја префрлаат одговорноста едни на други. Треба да се додаде и дека Здруженијата на лекари од законско здравствено осигурување добиваат надоместок од 3,5% по спроведен тест и тоа за исплата и за контрола. Јерг Енгелхард, кој во Сојузната криминалистичка служба (ЛКА) во Берлин раководи со Комесаријатот за истраги во врска со измами со наплата во здравствениот сектор, смета дека ова е „грешка во системот“. Ако КВ откријат многу фиктивни тестови, нивниот надомест ќе се намали, вели Енгелхард. Тоа не е поттик за особено критично проверување и контрола.

- повеќе: „Див запад“ на пазарот на тестови за коронавирус

Притоа, брзите тестови чинат многу пари. Според Сојузната служба за социјално осигурување, која ги распределува парите од даноците на здруженијата на лекари со законско здравствено осигурување, до крајот на април на национално ниво се потрошени околу 10,3 милијарди евра за тестови на граѓаните. Само во Берлин во моментов има околу 380 истраги против управители на центри за тестирање, вели Енгелхард. Ако се пресмета висината на штетата на национално ниво, се доаѓа до проценета штета од 500 до 550 милиони евра преку измама со брзи тестови, вели Енгелхард. Но, сивата зона е значително поголема, затоа што контролите се многу лабави. Оттука, вистинската штета е веројатно двапати до трипати поголема, „така што доаѓаме до застрашувачка бројка од една и пол милијарда евра“, вели иследникот на ЛКА.

Deutschland Berlin | Coronateststelle
Фотографија: Abdulhamid Hosbas/AA/picture alliance

Малку пријавени измами

Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах преку својот портпарол соопшти дека здруженијата на лекари за законско здравствено осигурување имаат обврска „да го известат јавното обвинителство доколку постои сомневање за кривично дело“.

- повеќеБрзите тестови повторно бесплатни во Германија

ВДР, НДР и Зиддојче цајтунг ги прашаа сите вакви здруженија ширум земјата колку случаи на измама од тест центри пријавиле досега. Бранденбург и Долна Саксонија пријавиле само по еден случај, Северна Рајна-Вестфалија седум, Баден Виртемберг - 14 и Баварија - 21. Берлин, Хамбург, Бремен, Сар, Хесен и Тирингија соопштија дека дотогаш не пријавиле ниту еден случај. Огромни разлики има и во повратот на средства. Додека здружението во покраината Хесен од 164 центри за тестирање назад побарало 4,9 милиони евра, здруженијата во Хамбург или Сар до тој момент немале побарано ниту едно евро назад за државата.