1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбранбените стратези Ирците во битка со непресметливите Хрвати

Дирк Кауфман / Елизабета Милошевска Фиданоска10 јуни 2012

Во групата Ц на УЕФА ЕУРО 2012 Шпанија се среќава со четирикратниот светски првак Италија. Големите одбранбени стратези Ирците пак, ќе ги измерат силите со непресметливите Хрвати.

https://p.dw.com/p/15BdN

Шпанија во групата Ц всушност може да загуби само од самата себе - така гласи прогнозата на еден фудбалски експерт. Наспроти тоа што поради повреди во тимот недостасуваат одбранбениот играч Карл Пујол и најуспешниот голгетер од претходното Европско првенство во 2008. година, напаѓачот Давид Вила, тренерот на Шпанците Висенте дел Боске на натпреварот испраќа силна екипа. Посебно интересно ќе биде да се види дали ќе му успее да постигне рамнотежа во прочуеното ривалство меѓу играчите на Барселона и на Реал Мадрид, зашто тие минатата сезона неколку пати се најдоа во сериозни конфликти.

Flash-Galerie Teilnehmer der Fußball-Europameisterschaft 2012 Spanien
Шпанија е фаворитФотографија: dapd

Шпанските противници - Италијанците долго време беа сметани како тајни фаворити на ова првенство. Но над тимот на „Азурите“се надвисна сенката на домашниот скандал со обложувањето. Еден играч мораше да ја напушти репрезентацијата, додека голманот Буфон е под сомневање дека договорал незаконски обложувања. Тоа не мора да значи ништо - и во 2006. година италијанскиот фудбал беше оптоварен од корупциски скандал, а сепак тие станаа светски прваци. Натпреварот меѓу Шпанија и Италија се игра во Гдањск во 18:00 часот.

Хрватските магионичари

Освен тренерот на италијанската репрезентација Чезаре Прандели, во овој круг против Шпанија ќе настапи уште еден италијански фудбалски тренер - Џовани Трапатони. Тој ги тренира Ирците, кои во 20:45 настапуваат во Познањ против Хрватска. Келтските стратези на дефанзивата се со големо борбено срце, но фудбалски погледнато се сепак послабиот тим. Затоа ретко, или речиси никогаш не се обидуваат да победат во натпреварите. Доволно им е да не загубат и можеби да дадат по некој гол. Важен играч во тимот без големи ѕвезди е рекордерот Роби Кин, кој својата плата ја заработува во САД.

Cheftrainer Kroatien Slaven Bilic beim Spiel gegen die Türkei
Славен Билиќ: Тимот му е како магионичарски шеширФотографија: AP

Противниците на Ирска - Хрватите се голема непознаница во групата Ц. Хрватите, чиј тренер е бившиот играч во Бундеслигата, Славен Билиќ, би можеле да бидат репрезентација на изненадувања. Но, исто така можат и страшно да разочараат. Кога имаат добар ден можат да го победат секого, но кога не им оди можат да загубат и од слаби противници. Тоа е екипа како фудбалски магионичарски шешир. Хрватите играат изразито борбен, а истовремено и технички сложен фудбал. Во тимот има и неколкумина професионалци од Бундеслигата, но го нема Ивица Олиќ кој тукушто се пресели од Бајерн во Волфсбург, како и Иво Иличевиќ, кои испаднаа од тимот поради повреди.