1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлука за ОМО ИЛинден за неколку дена

Тони Гламчевски6 јуни 2007

Комитетот на министрите на Советот на Европа два дена го разгледува извршувањето на четирите пресуди на Европскиот суд за човекови права по предметите ОМО Илинден-Пирин, ОМО Илинден и Иванов и другите против Бугарија.

https://p.dw.com/p/Aokp
Европскиот суд за човекови праваФотографија: picture-alliance/dpa

Предметите се однесуваат на кршењето на нивната слобода на здружување и слободно собирање. Според првите неофицијални информации, Стразбур бара решение за регистрација на партијата на македонското малцинство во Бугарија.

До денес, ниту една од овие пресуди не е во целост извршена од страна на Бугарија, чии власти се задоволија само со исплаќање на отштетата и објавување на пресудите на бугарски јазик за подобро запознавање на бугарските судски органи со нивната содржина.

Во меѓувреме, новите обиди на ОМО Илинден-Пирин да се регистрира како политичка партија повторно беа неуспешни пред бугарските судови. Имено, бугарските власти сметаат дека пресудите на судот од Стразбур не значат автоматско регистрирање на партијата на македонското малцинство. Иако секретаријатот на Советот на Европа, задолжен за следење на пресудите, ја потсети Бугарија дека треба ги избрише констатираните кршења на правата на жалителите, односно да им пружи можност да добијат нова регистрација на партијата.

Делегација на ОМО Илинден-Пирин, засилена со претставници на Европската Слободна Алијанса - Европска политичка партија, на два пати престојуваа во Стразбур. Првиот пат имаа средби со дирекциите на Советот на Европа, задолжени за следење на пресудите и за почитувањето на човековите права и вториот пат со претставниците на земјите членки на Советот на Европа, меѓу кои и со претседавачот на Комитетот на министрите.

Обиди да се врати одземената регистрација

Втората посета беше реализирана во предвечерието на расправата во Комитетот на министрите. Стојко Стојков од претседателството на ОМО Илиндин – Пирин за целта на посетата ни‘ рече:

„Се обидуваме, како очајниот човек кој се обидува да направи сé што може, така ние се обидуваме да им дадеме на делегациите од европските земји што почиста и подетална слика за вистината, за тоа што се случува. Бидејќи ние не сме во можност да присуствуваме на состаноците во Комитетот на министрите и да го изнесеме нашиот став и да ја заштитиме нашата позција, единствениот начин е преку средби со институциите и претходно и со делегациите.“

Во разговорите со националните делегации и со претставниците на Советот на Европа, делегацијата на ОМО Илинден-Пирин, јасно побара:

„Да се врати старата регистрација, која што партијата ја поседуваше и која незаконски и во спротивност со Конвенцијата за човекови права одземена од страна на уставниот суд на Република Бугарија во 2000 година. Ние бараме да се исполни пресудата на судот од Стразбур на вистински начин, да се поправи извшената неправда, односно да се врати одземената регистрација“, нагласува Стојко Стојков.

Според она што успеавме да го дознаеме за досегашниот тек на расправата во Комитетот на министрите, изгледа дека барањата на ОМО Илинден – Пирин беа земени предвид. Секретаријатот на Советот на Европа во соработка со бугарските власти и претставниците на ОМО Илинден-Пирин, ќе треба набрзо да ги разгледаат патиштата за да се добие регистрацијата на партијата.

„Ние ќе ги искористиме сите можности кои ни стојат на располагање. Нема да оставиме ниту една можност до која што ќе стигнеме за на демократски начин да се бориме за нашето право“, вели Стојко Стојков.

Комитетот на министрите расправа зад затворени врати, неговата одлука за случајот со ОМО Илинден-Пирин ќе биде позната дури по неколку дена.