1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Односот на уметноста кон сиромаштијата

17 јули 2011

Две изложби кои овие денови се прикажуваат во германскиот град Трир имаа една заедничка нишка - приказот на односот на општеството во Европа кон сиромаштијата во изминатите три милениуми.

https://p.dw.com/p/11vyP
Фотографија: Stadtmuseum Simeonstift Trier

Темите во врска со сиромаштијата , бездомниците, невработените и лицата на работ на општеството се’ постојано актуeлни. Она што се има променето е односот на општеството кон оваа тема. И додека денес сиромашните се горе-долу прифатени од остатокот од општеството , во некои историски периоди тоа не било така. Токму тоа е темата на две изложби кои овие денови се прикажуваат во германскиот град Трир - една во Градскиот, а друга во Покраинскиот музеј. Нивна заедничка нишка е приказот на односот на општеството во Европа кон сиромаштијата во изминатите 3000 години.

Изложбите се поставени по теми и по периоди во кои се гледа дека односот кон сиромаштијата бил поинаков од денес. Така, една од најголемите разлики се забележува при набљудувањето на експонатите од групата под наслов „Сиромаштијата во антиката“. Скулптурите пронајдени на некогашната територија на античка Грција, антички Египет и Римското царство, документираат однос кој денеска би се сметал за политички некоректен. Сиромаштијата во антиката се сметала за нешто срамно, нешто кон што се гледало од висина, без и најмалку сочувство и сомилост.

„Сиромашните луѓе биле прикажувани како џуџиња кои играат со мајмуни, при што и едните и другите се прикажани во иста големина. Вообичаено било да се прикажуваат и телесно деформирани личности кои токму поради нивниот изглед не можеле да припаѓаат кон остатокот на општеството водено од строгите идеали на тогашната убавина и привлечност и кои поради тоа вообичаено завршувале на улица“, објаснува Франк Унрух еден од кураторите на изложбите во Трир.

Промените течеле многу бавно

Еден од највпечатливите примери за ладнокрвниот однос на побогатите кон сиромашните е една скулптура во природна големина која прикажува стара жена, очигледно под влијание на алкохол, која во рацете цврстo стега буренце во кое најверојатно се наоѓа вино. Како што вели Унрух, фигурите како оваа обично биле изработувани по повод разни свечености во чест на виното, на кои богатите ги повикувале сиромашните, но само за да се подбиваат со нив и на тој начин да се забавуваат.

Armut - Perspektiven in Kunst und Gesellschaft
Фотографија: VG Bild-Kunst/Bonn 2011

Ваквиот однос кон сиромашните , болните и бездомниците започнал да се менува со ширењето на христијанството во Европа, за што на изложбата во Трир сведочат околу 150 платна, графики и скулптури и инсталации, позајмени од околу 40 музеи, од речиси сите краишта на Европа. На некои места овие промени течеле полека, а на други многу побргу, што се гледа од делата на старите мајстори како Питер Бригел, или пак Ханс и Паул Вредеман де Врис.

„Всушност би можело да се каже дека дури во 20 век грижата и одговорноста кон сиромашните излегла во преден план“, вели Соња Мисфел од Градскиот музеј во Трир. Во таа смисла посетителите на изложбата можат да видат дела на уметници како Макс Бекман, Кете Колвиц, Ернст Барлах, Макс Либерман, Пабло Пикасо, како и Кристоф Шлингензиф.

„Особено уметниците од периодот на 20-те години на минатиот век, но и оние помладите, многу се занимавале со социјалните теми и критички се однесувале кон златните 30-ти години во кои не им одело еднакво добро на сите“, вели Мисфелд.

Позитивни реакции за изложбите

Во делот на изложбата под наслов „Стигма“ прокажани се дела кои се занимаваат токму со стигматизацијата не само на сиромашните туку и на сите маргинални групи во општеството и религијата.

„Да се биде поинаков , да не му се припаѓа на мнозинството, да се биде странец со себе се’ уште повлекува голем ризик и потенцијал за сиромаштија“, објаснува Соња Мисфелд покажувајќи меѓу другото на една табла од 17. век со која се предупредуваат Циганите дека не смеат да влезат во градот.

Armut - Perspektiven in Kunst und Gesellschaft
Фотографија: Succession Picasso/VG BK/Bonn 2011

Иако примери за слично однесување можат да се пронајдат и во денешна Европа, судејќи според изложбата, денешното население пред се’ го мачи прашањето на злоупотребата на средствата наменети за оние на кои им се најпотребни:

„Ова недоумица е стара речиси колку и самото човештво. Кому може да се верува, а кому не? Оваа тема и денес е извонредно актуелна и би можеле да кажеме дека по ова прашање не сме напредувале многу’, вели Мисфелд и додава дека овој дел од изложбата предизвикува најголемо внимание кај посетителите:

„Би можело да се каже дека реакциите се многу позитивни. Изложбата веќе привлече многумина да ја погледнат. Темата очигледно е се’ уште актуелна, како некогаш, така и сега“, истакнува Соња Мисфелд.

Автор: Гудрун Стеген / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска