1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од големи должници до глобални играчи

29 јануари 2012

Во Давос денеска (29.01.2012) завршува Светскиот економски форум. На него беше видливо самоувереното однесување на земјите во забрзан развој. Имено тие имаат поважна улога и стануваат мотор на светскиот економски раст.

https://p.dw.com/p/13sdV
Фотографија: Reuters

На фасадата на хотелот Белведере во центарот на швајцарското одморалиште Давос виси огромен плакат со само еден збор на него: „Бразил“. Самоуверено најголемата економска сила во Латинска Америка и се претстави на политичката и бизнис елита како и на врвните економски стручњаци собрани на годинешниот Светски економски форум. Белведере во текот на форумот е главен хотел во Давос. Тука беа сместени бројни претседатели на држави или на влади како и моќни менаџери како Германецот Јирген Гросман, шеф на најголемиот германски енергетски концерн „РВЕ“, или пак Ерик Шмит, поранешен претседател на управниот одбор на „Гугл“, а сега шеф на управата на тој интернет гигант. Скромноста во моментов не е впечатлив белег на Бразил.

Но и Мексиканците ја прифатија паролата „размислувај на големо“. Недалеку од конгресниот центар тие поставија два штанда во кои делеа информации за многу позитивните и ветувачки економски параметри на нивната земја. Во Давос претстојуваше и мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон придружуван од бројни министри. На заедничка пресконференција со Карлс Госн, шеф на автомобилскиот концерн „Рено“, најави инвестиција во милијарди евра во Мексико и отворање на 20 илјади нови работни места во наредните неколку години.

Felipe Calderon
Претседателот на Мексико, Фелипе Калдерон при обраќањето на Светскиот економски форум во ДавосФотографија: picture-alliance/dpa

Нови светски сили

На форумот во Давос, каде се расправаше за глобалното стопанство и глобалните трендови, земјите во забрзан економски развој настапија многу самоуверено. Но, тоа не треба да зачудува. Тие станаа голем глобален играч. Само годинава имено овие земји очекуваат економски раст од шест проценти, истакнуваат експертите од консалтинг компанијата „Ернст и Јанг“. За земјите од еврозоната истите тие стручњаци на пример не предвидуваат никаков раст.

Индонезискиот министер за трговија Гита Вирјаван кусо пред престојот во Давос беше во Франкфурт каде учествуваше на една конференција за инвестиции. Интересот за вложување во неговата земја го изненади. Германските претприемачи се исклучително заинтересирани за инвестирање во Индонезија бидејќи токму таму очекуваат голм раст: „Ние имаме голем пазар, нашиот кредитен рејтинг е штотуко зголемен. Се исплатува да се вложува во Индонезија“, истакнува министерот Вијраван.

Тој нов тренд на развој во земјите во економски подем значи со внимание се следи во Германија. „Ние одамна сме подготвени за глобализацијата“, нагласува Јирген Криге, поранешен сооработник на консултантската куќа „Меккинзи“, а сега шеф на германскиот концерн „Ханиел“. Тоа е клучот на иднината, истакнува Книге: „Отидете денес во канцеларијата на некој претприемач од Кина во Шангај и погледнете ги неговите географски карти. На нив Европа е само мала дамка на маргините“.

Автор: М. Каспер-Клериџ/ С. Недевски

Редактор: А. Трајковска