1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од градинар до владин функционер

3 јуни 2011

Во Тетово е прикажана политичка комедија на тројца професионални актери на албански јазик, за гафовите и комичните ситуации, чуени и видени за време на оваа предизборна кампања за парламентарните избори во Македонија.

https://p.dw.com/p/11SKM
Актерите Сами Мустафа, Бурхан Амити и Елмир СејфулахуФотографија: Sveto Toevski

Ветувања за економски суфицити, спроведување нови политички договори и „мал милион“ други нешта како понуда за бирачите одекнуваа на сцената во преполната голема сала во Центарот за култура во Тетово (31.5.2011), каде што во изминативе денови од предизборната кампања продефилираа повеќе партии, нивни лидери и кандидати за пратеници. Но, овде политичките говори беа проследувани со смеења до солзи и со ракоплескања, бидејќи нив ги кажуваа тројца професионални актери од градскиот театар на албански јазик во Тетово, кои се осмелија самите да напишат сценарио за политичка комедија.

Бурхан Амити, еден од тројцата актери-автори на овој несекојдневен театарски проект вели:

„Насловот на претставата е ’За власт давам...' Сега зависи кој што... Ние се мислевме долго време каков да биде насловот, бидејќи самите го подготвивме текстот, тој да биде актуелен и во врска со кампањата и изборите, во врска со тројца лидери на албански партии. Но, во претставата играме ликови и на неколку директори и министри.“

Иронизирање на искажувањата на политичарите

DPA Wahlkampagne
На изборните митинзи се слуша се‘ и сештоФотографија: DW

Елмир Сејфулаху, вториот член на оваа актерска екипа, истакнува дека тие се решиле низ една претстава да ги иронизираат многубројните искажувања на тројца лидери на големи албански партии, без да ги именуваат по име.

„Адаптиравме еден базичен текст, кој е многу близок до политичките партии и до нивните изложувања пред народот. Знаеме дека нашите политичари имаат многу гафови, оти имаат многу комични зборови и ситуации. Не беше воопшто тешко тие да се извадат и да се иронизираат.

Луѓето, кои ги сретнуваме и кои знаат дека ќе имаме ваква политичка комедија и тие не прашуваат: ’Дали се плашите?’, ’Не е ли ризично?’ Но, јас сметам дека нашите лидери немаат време да се занимаваат со нас, така како што не се занимаваат ниту со својот народ додека се на власт, или кога се во опозиција, па се стремат да влезат во власта.“

„Политичарите прават повеќе комедија од нас, актерите!“

Третиот актер и автор на оваа комедија, Сами Мустафа, се надоврзува:

„Лебот ни го зедоа, никој не не гледа нас! Сите политичари прават комедија повеќе од нас! И сите одат кај нив да гледаат комедија, додека во театарот спијат.“

Амити издвојува еден од гафовите, слушнати во досегашната предизборна кампања:

„Наш политички лидер се појави на отворањето на предизборната кампања и кажа дека ги претставува кандидатите за пратеници за изборите во 2005 година! Тие не се ниту во тек со времето.“

Мустафа укажува дека нивните „критички боцки“ во комедијата се задржуваат и на прашањето како од градинар се станува висок владин функционер:

„Ние навлеговме и во приватните животи на претставените лидери на албанските партии, значи, не само додека се на политичката сцена. Се задржуваме во претставата и на тоа дека имаме овде, во Македонија, политичари, кои никогаш не се занимавале со политика, биле некаде во градинарство, и одеднаш станале високи функционери во владата. Такви има многу во претставата.“

Формула за напредување

Tetovo
Граѓаните понекогаш можат да се насмеат на гафовите на политичаритеФотографија: DW

Амити, пак, посочува на „формулата за напредување“ на партиските активисти и политичари, кои „ќе се истакнат’ со „митингашките заслуги“ во кампањата, но и на денот на изборите:

„Некој од градинарство преминува во политика, но, повеќемина од политичарите дипломираат на факултет откако ќе станат лидери на партии, односно, кога ќе станат министри, или директори. Сето ова го глумиме на сцената, па и личноста на еден директор, кој, наводно, завршува средно образование додека неговата партија била на власт, а тогаш и станува директор.“

„Економскиот суфицит на локалната власт ќе го балансираме со економскиот дефицит на централната власт ...“

Суфицити и дефицити

Во текот на оваа претстава на албански јазик во Тетово вака беше иронизиран партиски лидер на една албанска партија:

„Со моето доаѓање во владата економскиот суфицит на локалната власт ќе се балансира со економскиот дефицит на централната власт. Јас сум свесен дека вие не ги разбирате овие економски термини, но, јас сум тука да ви ги разјаснам.“

Цел на политичката иронија на Амити, Сејфулаху и Мустафа беше уште еден водечки албански политичар во Македонија, експониран во предизборната кампања и синоќа вака претставен:

„Многумина не‘ критикуваат дека не сме зеле колку што треба пари од буџетот на државата. Не е дека ние не сме сакале, оти не сме отишле и дека не сме барале. Но, сефот во Скопје испарил, исчезнал.“

Публиката со позитивни реакции

Еве ги и реакциите на неколкумина граѓани-Албанци во публиката:

„Извонредна комедија, актуелна и во тек со времето. вистината е ова што го гледавме ние вечерва во претставата. Таа вистина се случува и надвор: многу гафови, смеење.“;

„Тоа се нормални гафови на нашите партии, ги доживеавме како смеа.“;

„Во принцип, ова вечерва беше за да се насмееме во врска со она што го прават нашите политичари. Да, во голема мера беше претставена кампањата.“

Тројцата тетовски актери-автори на политичката комедија „За власт давам ...“ најавуваат дека за следните избори нивна цел ќе бидат и македонските политички партии и лидери.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Трајче Тосев