1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од „Загор Те-Неј“ до јапонска „манга“ – преку Македонија!

9 октомври 2011

Македонскиот стрип отсекогаш бил во сенка на другите визуелни уметности и на маргините од културното живеење. Стрип сцена отсекогаш имало, но проблем е малиот пазар, велат познавачите.

https://p.dw.com/p/12oT1
Насловна страница на еден од броевите на стрип магазинот „Стрип арт“Фотографија: Suzana Todorovska

Дали растевте со Алан Форд, Флеш Гордон, можеби со Марвеловите супер-херои Железниот човек  или Супермен ? Се сеќавате ли на времињата кога се разменувавме со стрипови со Командантот Марк, Текс Вилер, Загор или со стариот добар Политикин забавник, некогашните Стрипотеки, па „Макстрип“, „Лифт“, „Клик “? Некои од добрите стари стрип изданија можете и денес да ги најдете на штандовите за стари книги или најновите-во единствената специјализирана продавница за стрипови во земјава „Бункер“ во центарот на Скопје.

Македонскиот стрип во „дебела сенка“ ?

Стрипот е феномен на 20 век и е  „деветта уметност“, популарна уметност како резултат на демократизацијата на медиумите и потребата од поинакво ликовно артикулирање на реалноста и животот.  Но, македонскиот стрип отсекогаш бил во сенка на другите визуелни уметности и на маргините од културното живеење.

Comics Regal Mazedonien
Полица со стрипови во Стрип центарот во ВелесФотографија: Suzana Todorovska

Александар Сотировски е еден од најреномираните македонски стрип автори и илустратори. Минатата година одбележа 20 години од својата работа во кои создаде многу препознатливи стрипови и  околу 20 илјади илустрации објавени ширум светот. Растел со стриповите на  Бонели и со Алан Форд. Има завидна колекција од околу 7 илјади стрипови.Работи на повеќе проекти и главно за странските компании, па и за Cartoon Network. Така стигнал и до Холивуд- вели. Неговиот најнов стрип-проект е „Капетан Нитрат“ кој наскоро ќе го претстави во рамките на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“во Битола.

 „ Имаме стрип сцена и секогаш сме ја имале, а убеден сум дека и натаму ќе ја имаме.Проблемот е што ние сме мал пазар. Па нормално, таа стрип сцена осцилира заедно со производите што ги објавува. Во моментов мислам дека не сме толку лоши. Сметам дека порано иако имаше помалку автори, стрип сцената беше далеку подобра. Но тоа беше и друго време. Имаше печатени изданија, бевме во поголема држава со поголем пазар, повеќе се продаваше и купуваше. И авторите беа некаков постимулирани додека денес е поинаку. Ова е ера на интернетот. Ова го кажувам затоа што и самиот сум дел од неколку такви проекти. Тука не ги земам предвид големите издавачи како „Марвел“, „Дарк Хорс“ или други светски брендови или пак францускиот пазар кој и натаму има една стандардна форма па и покрај ерата на интернетот стриповите имаат свои печатени изданија. Како и да е сите се насочуваат кон интернетот кој сепак наскоро ќе стане  едноставно реалност кај сите стрип автори“.

Македонски стрип „ривајвл“

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес двапати годишно го издава списанието „Креатор“  и секоја година го организира Меѓународниот стрип салон. Од 14-16 октомври ќе се одржи 10. Стрип салон кој ќе собере 30-тина автори од Македонија, но и гости од најголемиот издавач на стрипови во светот денес „Ди Си Комикс“ и автори на популарните јапонски стрипови „манга“. Но,македонската стрип уметност го нема вистинскиот третман и веројатно е дека уште долго ќе остане на маргините на културното живеење, вели Ване Трајков, извршен директор на Стрип центарот на Македонија.

Castro Comic von Carlsen
Фотографија: Reinhard Kleist/Carlsen Verlag, 2010

„Со Стрип центарот во Велес некако се раздвижија работите околу стрипот  што дотогаш го имаше маргинално, инцидентно во некое списание и –толку. Државата малку  вложува во оваа култура која за жал, кај  нас е потценета меѓутоа во светот донесува многу бенефиции. На пример, стрипот „манга“- Јапонија го освои светот со стрипот додека француската влада се гордее со својот стрип кој  е еден од најголемите извозници и притоа најногу го полни буџетот на својата земја, што сигурно ова некому ќе му се чини смешно. Но, ако кажам дека годишно се издаваат по 5-6 илјади наслови во форма на стрип албуми,оние што знаат за што зборувам ќе разберат дека тука е целата разлика- во комерцијализацијата. Ако сфатиме дека стрипот е уметност, а не комерцијална работа. Ние немаме каде да ги објавуваме стриповите. Ниту еден дневен весник не објавува или објавуваат по 2-3 „каивчиња“. Што сакаме тогаш од стрипот? “

„Животот пишува романи, а луѓето читаат стрипови“

Во македонскиот стрип моментно има наплив на некоја нова енергија. Ставовите кон стрипот се драстично променети , а  израсна и нова генерација на автори од 70-тите и 80-тите годни, објаснува Томислав Османли, писател и автор на засега единствениот труд кај нас од областа на теоријата на стрипот, книгата „Стрип-запис со човечки лик“.

„Ни недостигаат медиуми низ кои ќе се донесува македонското стрип творештво. Таа болка перманентно стои како закана пред стриповниот живот во Македонија и непостоењето на стрип списанија, гласила, што ќе го донесуваат тоа надојдено стрип творештво отсекогаш му се одмаздувало на македонскиот стрип и било фактор за неговото потиснување и замолк во одредени фази. Во услови на пазар кој не може да самоодржи една печатена творба- нашите тиражи во секој домен се минимални, а така е и во доменот на популарните дисциплини во кои треба да спаѓа  стрипот и уште помалку пак ако се работи за уметнички- арт стрип. Публикациите не можат да се финансираат на пазарот. Тоа ќе треба да го прави државата. Целата наша стриповна приказна застанува кај комерцијалниот ефект и мотивот за творештво.“

Македонскиот стрип автор Александар Сотировски вели дека сосема добро  живее од својата професија .

Стрипот забавува, иронизира, може да ве однесе во некој нов паралелен свет, да критикува. Томислав Османли би рекол дека дневните весници се за информирање и фрустрација, додека стриповите се четива за дефрустрација. 

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Симе Недевски