1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од замавот на германското стопанство треба да профитираат и вработените

Моника Дитрих7 декември 2006

Во Германија се води политичка дебата за покачување на платите и за таканаречени инвестивни плати

https://p.dw.com/p/AeK4
Поголеми плати = поголема потрошувачка?
Поголеми плати = поголема потрошувачка?Фотографија: AP

Германското стопанство повторно работи со полна пареа: претпријатијата остваруваат силни добивки, опаѓа бројката на невработените и расположението е се’ подобро. Се чини дека повторно е можно она што подолго време беше тешко да се пробие – повисоки примања за вработените. Работодавците од металската индустрија веќе најавија подготвеност во наредните тарифни преговори да им дадат на вработените дел од добивката.

Се разбира, синдикалните лидери веднаш потоа поставија свои барања. Кај тарифните преговори за наредната година мора да биде направен скок, бараат синдикатите и добиваат подршка од Социјалдемократската партија. “Факт е дека стопанството сега повторно почнува навистина да брмчи и она што е остварено како добивка во многу бранши мора да се покаже и на платните ливчиња на вработените” – побара генералниот секретар на СПД Хубертус Хајл.

Со години работниците се откажуваа од пораст на платите, смета и министерот за труд Франц Минтеферинг. Сега е време спиралата повторно да појде угоре, рече тој за весникот “Билд”. Добрите плати се од полза и за подемот на стопанството, смета претседателот на СПД Курт Бек: “Едно соодветно покачување значи дека ќе расте и куповната моќ на работниците, и конечно ќе му биде прилагодена на нивото на порастот. Тоа значи дека ја подржуваме внатрешната конјунктура”.

Демохристијаните не се толку еуфорични. Канцеларот и претседател на ЦДУ Ангела Меркел се изјасни за покачувања на платите, но само во претпријатија и бранши кои цутат. Мора да се има обѕир спрема послабите, ги придуши таа превисоките очекувања. На претпазливост повика и Лауренц Маер: “Мораме да внимаваме да има можност за избегнување на покачувањето на платите за претпријатијата кои не можат да си го дозволат тоа”.

И либералите сакаат вработените да имаат повеќе пари в џеб, но го сметаат покачувањето за погрешен инструмент. Наместо работата постојано да биде се’ поската, мора конечно да се стави крај на разните давачки, вели генералниот секретар Дирк Нибел: “Тоа значи прво да се отфрли покачувањето на данокот на додадена вредност, потоа пензискиот придонес да се зголеми само колку што е итно неопходно, и да се искористат сите можности за намалување на придонесите и на луѓето да им се врати што претходно им беше земено”.

Покрај генералното покачување на платите, деновиве се дискутира и за таканаречените инвестивни плати, што значи дека дел од примањата би бил претворен во еден вид учество во претпријатијата. Некои претпријатија и го воведоа тоа работничко учество, а големата владина коалиција сега размислува и законски да го регулира. Инвестивни плати е добра работа, смета Норберт Ретген од ЦДУ: “Не станува збор само за тоа работниците нешто да заработат, туку тоа ја поттикнува мотивацијата. Да бидеш косопственик значи и сосем поинакво сфаќање кај луѓето”.

И СПД се загрева за идејата за инвестивни плати и веќе востанови работна група која треба да испита различни модели. Но, според СПД, важно е во случај на банкрот работниците да не останат со празни раце.