1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Ирак - една 30 - годишна верска војна?

Александер Кудашеф/ Превод А.Трајковска 15 јуни 2014

Водачот на терористичката организација ИДИС го втурнува целиот Блиски Исток во долгогодишна верска војна меѓу шиитите и сунитите, смета во коментарот главниот уредник на ДВ, Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1CIla
Фотографија: DW

Застрашувачка вознемиреност: 10.000 мажи, 10.000 верски воини го предизвикуваат Блискиот Исток. 10.000 борци на исто толку исламистички-фундаменталистичка колку и убиствена терористичка банда ИДИС (Исламска држава во Ирак и Сирија) се движат кон Багдад, сакаат да го заземат ирачкиот главен град, да го протераат премиерот- и со тоа да му стават крај на шиитското владеење во Ирак. Тие сакаат да го превртат блиско-источниот повоен поредок, да ги отстранат националните држави, одново да формираат „Умма“, заедница на муслимански верници и да воспостават калифат, во кој шаријата ќе биде мерка за сѐ.

Подготвеноста за џихад, за вооружена борба, за маченичка смрт, настаната во раната историја на исламот, наоѓа подготвени приврзаници - како во Сирија така и во Ирак, каде ИДИС свирепо има завладеано во цели региони и предели. Сунитските џихадисти околу Абу Бакр ал Багдади - неговото име потсетува на првите калифи, значи наследниците на Мухамед - не ги предизвикуваат само шиитите и премиерот Малики во Багдад. Тие го разгоруваат целиот регион. Иран е подготвен за поддршка на шиитските верски браќа и бара - во една преоцена на сите досегашни партнерски политики дури, барем реторички, сојуз со САД, каде што претседателот Обама сѐ уште се колеба, дали и како да му припомогне на до ѕид притиснатиот премиер во Багдад.

Шиитска оска

За Иран одбраната на шиитските верски браќа во Багдад политички се подразбира само по себе, онака како што се поддржува алавитскиот претседател Асад во Сирија со помош на шиитските милиции на Хезболах во Либан. Техеран има регионално-политички интерес да се одржи шиитската оска Хесболах, Сирија, Ирак и Иран: таа го осигурува нивното влијание. За земјата на ајатоласите и мулите, кои се потпираат врз традицијата на митско-харизматичниот ајатолах Хомеини, е незамисливо да ги остави на цедило притиснатите шиити во соседството. Тоа е причина за џихад, за света војна.

Во Сирија одамна беснее уништувачка граѓанска војна - Асад против опозицијата, но и опозицијата меѓу себе, ИДИС против секуларното демократско движење. По речиси 200.000 мртви и милиони бегалци се претпоставува дека Асад ќе остане на власт и граѓанската војна ќе продолжи. Крвопролевање кое не може да се сопре. И наоколу останатите блиско-источни актери: Курдите цврсто се етаблираа на северот на Ирак и не му се плашат на ИДИС. Нивната воена сила и нивната новоразбудена политичка самодоверба ја предизвикуваат Турција, која веќе е многу оптоварена со опасната состојба на нејзината граница со Сирија. Јордан пак - со децении оптоварен со милиони палестински бегалци, покрај повеќе од фрагилниот Либан го носи главниот товар со прифаќањето на сириски бегалци. И никој не знае, колку одвнатре навистина е стабилно јорданското кралство.

Фантазии за сѐмоќ

Тука е и Саудиска Арабија. Големиот противиграч на Иран во Заливот, ривалот на Иран во борбата за духовна и религиозна превласт на Блискиот Исток, чувар на светилиштата Мека и Медина. Саудиска Арабија го следи пуристичкото учење на вахабиите, значи самата е религиозна држава - со многу пари. Земјата во целиот свет ја подржуваше исламската мисија и притоа доволно често формираше исламски групи и банди.

Кралство со двоен морал: Тоа се плаши од џихадот и истовремено го поттикнува во надеж дека нема да се насочи против владеењето на саудиската династија. Напротив, лудите визии за калифат на ИДИС не ги опфаќаат само Сирија и Ирак, туку и Јордан, Либан и исто така и Саудиска Арабија - земјата од која потекнува пророкот. И „борбеното име“ Абу Бакар ал Багдади ги покажува фантазиите за сѐмоќ на терористите.

Дури и ако тој биде победен при неговото напредување во битка на отворено поле, џихадот со тоа не е победен, туку во најдобар случај привремено стопиран. Војната во Ирак, војната околу Багдад е почеток на една нова верска војна меѓу шиитите и сунитите. Регионот со тоа стои пред една блискоисточна 30- годишна војна. А егзистенцијата на Израел ќе биде понесигурна од кога и да е. Западот, во секој случај не може да стои настрана.