1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од историјата не се живее, од неа се учи

10 јануари 2011

Парламентарната демократија во Македонија бележи нагорен тренд, оцени претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски по повод 20-годишнината од одржувањето на првата седница по првите повеќепартиски избори.

https://p.dw.com/p/zvuY
Трајко ВељановскиФотографија: DW/MIA

Од историјата не се живее, од неа се учи. Пратениците од првиот парламентарен состав, водејќи се од овој мотив, ја заокружија идејата за самостојна Македонија, кажа актуелниот прв парламентарец Трајко Вељановски. На неговата покана денеска не се одзваа повеќето од првите избраници на народот од стартот на плурализмот.

“Во бурните времиња на војната на просторите од поранешна Југолсавија, веќе на 25 јануари 91-ва Собранието ја донесе Декларацијата за сувереност. Веќе на 6 август истата година одлуката за референдум за независност, спроведен на 8 септември и на која граѓаните се определија за независна држава. На 17 ноември, пред две децении Собранието го донесе и првиот Устав на самостојна Македонија“, рече Вељановски.

Тој потсети на изгласувањето на декларацијата во 1992 година со која се одбиваат заклучоците од Лисабонскиот самит на државите членки на ЕУ, а со кои се бараше во името на земјава да се изостави зборот Македонија.

Mazedonisches Parlament
Фотографија: Petr Stojanovski

„Граѓаните на Македонија преживеале најразлични премрежја, окупации и најгруби обиди за негирање на сопствениот идентитет. Но токму тоа историско искуство ми дава за право да верувам дека и овојпат во процесот на преговорите кои сега се водат под покровителство на ОН ќе дојдеме до трајно и прифатливо решение, кое нема да задира во националниот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ", нагласи Вељановски.

Тој потсети дека при крајот на 91 -та, во декември, Парламентот прифати Декларација со која од меѓународната заедница бараше да ја признае Македонија како нов субјект во светската заедница на народи. Следуваа Законот за одбрана по што беа преземени граничните караули и македонските војници ја чуваа територијата на земјата. Првиот парлементарен состав ги дефинира, државните симболи и националната валута -денарот.

Во првиот парламент најбројна беше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Љубчо Георгиевски уште на првиот, основачки конгрес зборуваше за македонска војска, валута и независност. И покрај своите 38 претеници првата национална партија на Македонците не успеа да формира влада, па компромис беше екпертскиот кабинет на академик Никола Кљусев, под чиј мандат се заокружија сите акти и одлуки за една самостојна држава.

Флоровски: парламентарците работеа со многу ентузијазам

Еден од најжестоките националисти или патриоти, како што самиот се нарекуваше во тоа време, Александар Флоровски од ДПМНЕ за Дојче Веле оценува дека „парламентарците работеа со многу ентузијазам. Имаше кавги меѓу нас и како луѓе и како политичари, но сите завршуваа со идејата да се создадат темелите на идната држава„.

Mazedonien Politik Kljusev
Никола Кљусев застана на чело на првата Влада во независна МакедонијаФотографија: MIA

Албанците не гласаа на реферeндумот, ниту ја подржаа уставната дефиниција на Македонија, но беа активни партиципиенти во нејзиното создавање, вели Џеладин Мурати, универзитетски професор и еден од лидерите на ПДП тогаш најбројниот репрезент на албанската етничка заедница во првиот состав. Според него ако се прифатеа идеите на ПДП за дефинирање на државата како мултиетничка, ако се продолжеше со проширување на веќе стекнатите права од ексЈугославија да го користат албанскиот, мајчиниот јазик и на седниците во Собранието, немаше да додје до воена ескалација и една деценија пред нив ќе се надоградуваше етничката кохабитација, вели професор Мурати.

„Сите одлуки што ги донесовме беа со историско значење и тогаш се поставени сите темели каде и како треба да се развива земјата“.

Првите повеќепартиски избори најфер досега

Првите избраници на народот се изгласани со целосен капацитет на демократско почитување на процедурата, иако имаше одделни и спорадични проблеми. Но според претседателот на тогашната ДИК Никола Конески, врховен судија, “изборите беа најфер организирани и спроведени, за што добив и признанание од меѓународните набљудувачи од САД“, кажа за ДВ, Конески.

Првиот парлaментарен состав сепак имаше многу верба во идејата да се гради самостојна држава, без оглед на крвавите судири во екс-федерацијата, но и достојна државничка мудрост, велат нашите соговорници.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски