1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Македонија добивме, на Македонија и враќаме!

27 јули 2010

Донации во уметноста и храмовите за заедништво на луѓето, во спортот и истражувачката дејност - влијателните и богатите луѓе во Македонија, покрај во бизнисот инвестираат и во различни општествени гранки во земјата.

https://p.dw.com/p/OQYW
Фотографија: AP

Изградба на цркви, донации за болници, капитални книжевни дела, спонзорирање спортски клубови, финансирање на меѓународни научни собири, стипендирање на светските универзитети, фондации за културата и уметноста. Ова е дел од палетата на македонските филантропи - Костовски, Јорданов, Наков, Рамковски, Зелениковски, Мукаетов, Идризи, Михајловски... влијателни бизнизмени и претприемачи, богатите луѓе од македонската општествена и економска транзиција.

Еден од нив е и Ристо Гуштеров, менаџер од престижната генерација на бизнисмени израснати под закрила на „Технометал“, најголемата македонска извозно-увозна компанија до почетокот на деведесетите години на минатиот век. Тој го развива својот самостоен бизнис на релациите Русија-Австрија-САД. Со негов ангажман е привлечен и изграден првиот производен погон во слободната зона Бунарџик од мултинационалната корпорација „Џонсон-Контролs“. „Јас во Македонија ја започнав својата кариера, тука завршив високо образование, државата ми овозможи да се издигнам на одредено ниво на европските и светски бизниси и сега е нормално да и вратам, а мислам дека тоа треба секој да го направи, на сопствената држава и народ“, вели Ристо Гуштеров.

Mazedonien Land und Leute
БунарџикФотографија: DW

Тој прв финасираше во уметноста, профилирајќи се како мецена на македонската транзиција. На крајот од осумдесетите во Охрид е поставен монументот на сесловенските просветители, вели за ДВ академик Томе Серафимовски. „Јас сум многу среќен уметник што во Македонија се појавија менцени, се појавија одредени личности со голем ентузијазам, кои сакаа да ја стимулираат уметноста, да ги финансираат и моите склуптури. Тие имаа многу разбирање за развој на творештвото воопшто. Меѓу првите, ако не и прв донатор во време на транзицискиот период, беше Ристо Гуштеров“, вели академик Серафимовски.

Во улогата на мецена влегува и Трифун Костовски

Неговите монументи на сесловенските проветители и особено на Мајка Тереза, се поставени во Белград, Ватикан, Варшава, Скопје, Охрид, Загреб, Виена. Во финансирањето на ова уметничко историско презентирање на македонските дејци го обезбеди Трифун Костовски, бизнисмен на техометалската генерација, подоцна пратеник и поранешен скопски градоначалник. „Неспорно е дека Костовски е еден од најголемите мецени за македонските уметници и творци. Тој досега има вложено преку 45 милиони евра во својата филантропска опсесија“, тврди академик Серафимовски, ученик на светски познатиот скулптор Аугустин Агустинчиќ.

Trifun Kostovski
Трифун КостовскиФотографија: DW

Еден од најбогатите луѓе во Македонија ги собирал православните крстови распослани по манастирите и црквите со векови, за што издал една од најдобро опремените монографии. Овој сопственик на банка, осигурителна компанија, бизниси во Полска, ја финансираше обновата на црковниот храм Света Богородица, опожарен кон крајот на Втората светска војна. Света Богородица е заштитник на главниот град и сега се’ повеќе, во последниве пет години, е средиште на собирање на старите скопјани. Оваа црква во 19. век ја изградил тогашниот богат еснафџија Хаџи Трајко, вели за ДВ прота Трајче Петковски, старешина на цркавата, која е сместена на самиот кеј од реката Врадар, спорти МАНУ. Тој не открива колку пари досега има вложено Костовски, но попот потсетува дека тој што гради денеска и за живот, си го гради храмот поблиску до Бога, ја објаснува филантропската потреба за градба на црковно-манастирски објекти.

Kirche Sv Bogorodica"
Црквата Света БогородицаФотографија: DW

„Со средствата на Костовски е изграден храмот Богородица, во која допрва ќе се исцртуваат фрескописите, но со одлука на Скопје, денот 21 септември, Мала Богородица, е ден на метрополата, зашто Богородица е негов заштитник“, вели прота Петковски.

Гуштеров инвестираше во катедралниот храм во Радовиш

Голем црковен храм, чија вредност со фрескописот, е најмалку пет милиони евра, во Радовиш, изгради и Ристо Гуштеров. Со помалку бизнис-носталгија забележува дека единствен ќар од инвестиции во државата, кои го носат и внатрешниот мир, се донациите во уметноста и храмовите за заедништво на луѓето. „Катедралниот храм изграден во моето родно место Радовиш е врвот на мојата цела филантропска активност, зашто тоа ги прави луѓето среќни, да веруваат во иднината на Македонија, за мене тоа е досега најуспешниот и најголем подарок за земјата и луѓето“, вели Гуштеров.

Risto Gusterov
Ристо ГуштеровФотографија: DW

Уште еден бизнисмен, Нико Палигора, ја финансира изградбата и обновата на црковно-манастирскиот комплекс во потпелистерско Маловиште, едно од најпознатите села на влашката заедница во државата.

Богатите во Македонија формираат и фондации

Таа на Костовски во МАНУ, ги спонзорира големите истражувачки зафати за делата на Конески, Видоевски, Јаневски, пистели и трагачи по македонската реч низ вековите наназад. Фондацијата „Рамковски“, влијателниот медиумски могул, газда на ТВ А1 и најтиражните весници, со највисоките парични награди Крсте Мисирков ги стимулира творешвата за македонистиката, албанологијата, историјата и општествените науки. Тој самиот, пак, го измисли и стимулира фудбалското првенство на јуниори, на чии натпревари во внатрешноста има повеќе гледачи и од настапите на македонската репрезентација.

Некои од фонадациите доделуваат стипендии за најпрестижните факултети во САД, (Гуштеров) или на Скопскиот универзитет, како што тоа го прават наследниците на починатиот Трајче Мукаетов, еден од доминантните сопственици на „Алкалоид“, кој преку две децении ја профилираше успешноста на оваа фарамацевтска индустрија. „Фондацијата ’Трајче Мукаетов’, во последните четири години додели над 100 стипендии за медицина и фармација, од нив една третина се завршени и се примени во истражувачкиот центар“, вели Ѓорѓи Коловски раководтител во Фондацијата „Мукаетов“. „Алкалоид“ инаку финансира еден од најуспешните шаховски тимови на Балканот.

Годишно 30 до 40 милиони евра инвестиции во спортот

FC Renova
Фудбалски клуб РеноваФотографија: DW

Ни спортот не е без спонзорства од најбогатите. Костовски успеа да го доведе ракометниот тим на Кометал до европскиот трон, а по повлекувањето екипата доживува лоши денови. Сега улогата на успешен финансиер на ракометот го презема првиот човек на скопска „Железарница“, Минчо Јорданов. Благодарение на ангажманот на Шефкет Идиризи, сопственик на градежни фабрики во регионот, истоимениот клуб Ренова од Тетово стана фудбалски првак на Македонија.

Експерти велат дека во спортот бизнисмените вложуваат најмалку 30 до 40 милиони евра годишно.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска