1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Од понеделник вакцинација со „Спутник“

ДТЗ
1 април 2021

Како донација од Србија во С.Македонија пристигнаа 20 илјади дози на руската вакцина. Поголеми количини вакцини се очекуваат во наредниот период.

https://p.dw.com/p/3rVQ3
Nord Mazedonien Corona Impfung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

20.000 дози од вакцината „Спутник V“ пристигнаа во Северна Македонија, како донација од соседна Србија. Се очекува да стигнат уште дополнителни 20.000 вакцини наменети за ревакцинација. Вакцинацијата со „Спутник“ ќе се почне во понеделник во спортскиот центар „Борис Трајковски“ на 48 пункта. Планот е дневно да се вакцинираат по 5 илјади лица од МВР, АРМ, медиумски работници, судовите, возачите на автобуси, пожарникарите воспитувачки во градинките и вработените на патарините.

Ова е втора донација од Србија, која претходно испрати 8.000 вакцини на „Фајзер“ . Премиерот Зоран Заев вели дека станува збор за акт на огромно пријателство кое доаѓа во многу значајно време, за да продолжи континуитетот на масовна вакцинација во земјата.

- повеќе на темата: Две нови фабрики за вакцини во ЕУ 

С. Македонија вчера ја започна масовната имунизација на населението со вакцините на „АстраЗенека“. Досега во земјата има пристигнато 78 илјади вакцини, од кои 48 илјади се од Србија. Во текот на април се очекуваат 25 илјади од Европската Унија,  200 илјади вакцини од  Кина, како и уште вакцини од „Спутник“.

„Знаете дека имаме нарачно и 800 илјади од ‘Фајзер’ и 800 илјади од Ковакс-механизмот, во мај ги очекуваме поголемите количини. Синоќа донесовме одлука да нарачаме уште 500 илјади од  втората кинеска вакцина ‘Синовак’. Со тоа, ќе стигнеме до бројка од 2 милиони и 600 илјади вакцини за население од 1 милион и 300 илјади“, вели премиерот. За сите нарачани вакцини се обезбедени финансиски средства. Дел се плаќаат од Буџетот, дел се од донацијата од ЕУ, а дел се кредит на Светска банка. Доколку има потреба од дополнителни финансиски средства ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот.

-повеќе не темата: В среда започнува имунизацијата - што треба да знаете пред да се вакцинирате?

Во меѓувреме, продолжува масовната вакцинација со „АстраЗенека“ за лица над 77 години. Во текот на вчерашниот ден беа вакцинирани 730 граѓани. Според официјалните податоци, досега против Ковид-19 се вакцинирале 7.735 лица, додека над 121.000 граѓани искажале заинтересираност.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека имунизацијата на населението се одвива без проблеми. „Забележавме дека околу 20 проценти од веќе закажаните не се јавија за вакцинирање. Вакцината „Спутник V“ е нешто специфична, после отворањето има два часа да се аплицира целата содржина од вијалата, која содржи десет дози. Согласно тоа, сметаме дека е идеално да биде на едно место и затоа вакцинирањето ќе почне во салата „Борис Трајковски“, изјави Филипче.